Лолеска: Едно ваше „да“ за органодарителство пишува нови поглавја во нечиј недовршен живот

Претседателката на здружението за ретки болести „Ретко е да си редок“ од Охрид, Гордана Лолеска, се вклучи со емотивно видео-обраќање во рамките на националната кампања за подигнување на јавната свест, која се реализира под мотото „Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста!“. Преку оваа кампања, поддржана од Министерството за здравство, се упатува силен апел за хуманост и прифаќање на донорството како чин кој спасува човечки животи, се наведува во официјалното соопштение од нејзиното обраќање.
Лолеска во својот говор посочи дека голем дел од пациентите со ретки дијагнози во текот на својата долгогодишна битка се соочуваат со постепено откажување на виталните органи. За оваа ранлива категорија граѓани, како што појаснува таа, трансплантацијата на бубрег, црн дроб или бели дробови останува единствениот преостанат спас за живот и излез од секојдневната неизвесност во која со години се наоѓаат нивните семејства.
Лично сведоштво на една мајка чие дете чека орган
Активистката од Охрид пред јавноста сподели и дел од својата лична семејна битка, говорејќи отворено за немоќта пред болеста, но и за натчовечката сила на родителската надеж.
„Како родител нема поголема болка од тоа да ја гледаш немоќта пред болеста, но нема ниту поголема сила од надежта во градите. Денес не говорам само како активист, туку со целото мое битие, како мајка чие дете се наоѓа на листата на чекање за органи. Кога во семејството страда еден член, тогаш страда и целото семејство. Во нашиот дом секоја секунда е борба, а секое отчукување на срцето е молитва за шанса за нов живот. Органодарителството е највисокиот чин на човечност. Тоа е одлука со која во моменти на најголема тага избирате да бидете нечиј спасител“, порача Гордана Лолеска.
Таа упати благодарност до Министерството за здравство за можноста да биде дел од оваа, како што ја нарече, мисија за будење на општествената совест. Лолеска ја заокружи својата порака со јавен повик до граѓаните да зборуваат гласно за хуманоста, да не замижуваат пред туѓата болка и преку донорството да станат вистински херои кои ќе спасат некое дете или нечиј родител.
