ВЕСТИИМПУЛСИТ
Во тренд

Илон Маск и над 165.000 луѓе бараат враќање на Џенсен Хуанг на чело на „Nvidia“

И покрај скандалот со наводната кинеска шпионка кој доведе до негова оставка, отворено писмо потпишано од над 165.000 луѓе го бара назад поранешниот извршен директор. Истовремено, американскиот министер за финансии бара сериозни промени и истрага за можен нелегален извоз на чипови во Кина.

Илон Маск, заедно со бројни други технолошки директори, повика на враќање на Џенсен Хуанг на чело на компанијата за производство на чипови „Nvidia“, во ек на извештаите дека поранешниот извршен директор веќе планира камбек, само четири дена по неговата оставка. Отвореното писмо, кое досега го потпишаа над 165.000 луѓе, бара од управниот одбор на компанијата „да го врати Џенсен додека независна истрага не ги утврди фактите“.

Хуанг поднесе оставка во четвртокот, со што заврши неговото 33-годишно раководење со компанијата за вештачка интелигенција која самиот ја коосноваше, по извештаите дека имал најмалку две вонбрачни врски – една со жена обвинета за шпионирање за Кина, Алис Хуанг, и друга со своја подредена. Според „Financial Times“, Хуанг веќе разговарал за можно враќање со блиски соработници кои формирале „воена соба“ (war room) од директори во Силиконската долина за да лобираат за него, а планираат да побараат поддршка дури и од Белата куќа.

И покрај силната поддршка од технолошкиот сектор, која вклучува директори како Тим Свини од „Epic Games“ и над 7.500 вработени во „Nvidia“ (18% од вкупната работна сила), во Вашингтон има сосема поинаков став. Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, во неделата изјави за „Fox News“ дека компанијата треба да бара нов директор „надвор“ од своите редови, нагласувајќи дека ѝ е потребна „драстична промена“.

Бесент го стави фокусот на националната безбедност, барајќи од „Nvidia“ да објасни дали свесно дозволила најнапредните AI-чипови да стигнат до Кина, посочувајќи дека тоа е многу поважно од аферата на Хуанг. Соединетите Држави ја забрануваат продажбата на најсовремените чипови на Кина, иако во 2025 година администрацијата на Доналд Трамп дозволи продажба на моделот „H200“. „Ништо над H200 не смее да им се продаде на Кинезите“, предупреди Бесент, барајќи одговори од внатрешната истрага на компанијата во рок од 10 дена.

Во меѓувреме, Хуанг се согласил да се појави пред Специјалниот комитет за Кина на Претставничкиот дом, како и пред комитетите за надворешни работи и разузнавање, иако датумите сè уште не се потврдени. Во одбрана застана и сингaпурската компанија „Megaspeed“, каде Алис Хуанг била извршна директорка до 2025 година. Компанијата, која изминативе три години била еден од најголемите странски клиенти на „Nvidia“ со купени чипови во вредност од речиси 5 милијарди долари, соопшти дека е „легитимен и законски бизнис“.

Back to top button