Инклузија во средното образование во Македонија: Нова реформа со стари предизвици (ИСТРАЖУВАЊЕ)
Истражувањето на Весна Јовческа укажува дека новиот закон за инклузивно средно образование бара суштински промени во дигитализацијата, изработката на индивидуални образовни планови (ИОП) и поддршката, посочувајќи ги искуствата од Хрватска и Србија како патоказ.
Македонија формално ја започна инклузијата во средното образование во учебната 2025/2026 година, благодарение на измените на Законот за средно образование. Иако ова претставува значаен чекор кон еднакви можности, новиот научен труд на Весна Јовческа од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, предупредува дека земјата се соочува со сериозни инфраструктурни и оперативни предизвици во спроведувањето на овие мерки.
Трудот, објавен во списанието KAIROS, кој го пренесува Республика, прави компаративна анализа меѓу Македонија, Хрватска и Србија низ призмата на три клучни аспекти: глобализација, дигитализација и индивидуализација. Истражувањето покажува дека иако Македонија има прогресивна законска рамка базирана на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на ОН, преточувањето на законите во пракса често е фрагментирано.
Еден од најголемите предизвици е недостатокот на системска дигитализација и асистивна технологија. Според истражувањето, дигиталната инклузија во Македонија е нерамномерна и главно зависи од меѓународни донации, без сеопфатна национална стратегија за набавка на адаптивен хардвер и софтвер. За разлика од нас, Хрватска има системски пристап преку иницијативата „е-Училишта“ (e-Škole) каде државата обезбедува дигитална инфраструктура и обуки, додека Србија користи „мобилни тимови“ од експерти кои им помагаат на редовните училишта.
Клучна точка во реформата е Индивидуалниот образовен план (ИОП), кој во Македонија често се третира само како административна обврска. Наставниците неретко ги подготвуваат овие планови изолирано, без доволна соработка со специјални едукатори, психолози или родители. Јовческа предупредува дека без автентична мултидисциплинарна соработка, како што е практиката во Хрватска, ИОП нема ефикасно да ја води секојдневната настава. Во Србија, пак, ИОП понекогаш се користи за „бенигна ексклузија“, односно за намалување на академските очекувања од ученикот или негово одвојување од главните активности во училницата.
Со новата реформа, поранешните специјални училишта (како „Димитар Влахов“, „Партенија Зографски“, „Св. Наум Охридски“ во Скопје и „Искра“ во Штип) прераснаа во регионални ресурсни центри кои треба да нудат поддршка на редовните средни училишта. За вистински успех, Јовческа заклучува дека Македонија мора да обезбеди одржлив модел финансиран од државата за асистивна технологија и да ја зајакне улогата на новите ресурсни центри за да се овозможи вистинска когнитивна и социјална инклузија, а не само физичко сместување на учениците со попреченост во училниците.
Ј. Ѓ.










