ВЕСТИСВЕТ

Врховниот суд ги укина царините на Трамп: САД враќаат 81 милијарда долари

Владата на САД беше принудена да им исплати десетици милијарди долари на компаниите што увезуваа стоки во земјата, откако Врховниот суд ги прогласи за нелегални дополнителните царините наметнати од претседателот Доналд Трамп. Според официјалните буџетски податоци објавени во понеделникот, американската влада досега во оваа фискална година исплатила неверојатни 81 милијарда долари на име рефундирање на царини, што е драстичен скок во споредба со само 5 милијарди долари исплатени во истиот период минатата година.

Претставник на Министерството за финансии на САД појасни дека овој огромен бран на исплати е речиси целосно последица на одлуката на Врховниот суд донесена во февруари, при што најголемиот дел од рефундирањето на средствата се реализирал во текот на мај и јуни.

Пад на економската стратегија и нов раст на буџетскиот дефицит

Царините беа клучниот столб на економскиот план на Доналд Трамп уште од неговото повторно стапување на функцијата минатата година. Тој ги промовираше овие давачки како универзално решение за американската економија – алатка со која ќе се вратат фабриките во Америка, ќе се договорат подобри трговски договори и конечно ќе се затвори федералниот буџетски дефицит.

Но, реалноста по одлуката на судот е сосем поинаква. Федералниот дефицит, кој минатата година забележа благ пад токму благодарение на приливот од царините, сега повторно бележи сериозен раст. Во првите девет месеци од оваа фискална година, дефицитот порасна за 2% и достигна 1,367 трилиони долари.

Енормни трошоци за камати и воени издатоци

Покрај принудното враќање на парите од царините, буџетот на САД се соочува и со други сериозни финансиски притисоци. Американската влада потроши повеќе од 1 трилион долари само за исплата на камати за државниот долг, што е пораст од 14% во споредба со претходно. Исто така, поради актуелната војна на Блискиот Исток, воените трошоци на САД забележаа скок од 5%.

И покрај силниот правен и економски удар од Врховниот суд, администрацијата на Трамп не се откажува од трговскиот протекционизам. Иако актуелната привремена глобална царина од 10% истекува на 24 јули, Белата куќа веќе интензивно подготвува нови давачки за странските стоки. Овојпат, новите мерки се правдаат како одговор на лабавото спроведување на законите против принудна работа во светот, како и поради вишокот на индустриски капацитети кај одредени трговски партнери.

Back to top button