Премиерот Христијан Мицкоски, денеска одговори на обвинувањата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој најави тешка енергетска есен и поскапување на електричната енергија. Премиерот категорично ги отфрли овие тврдења како лажна политичка реторика и најави дека Владата прави напори за намалување на цените, соопштија од Секторот за односи со јавноста при Генералниот секретаријат на Владата.
Мицкоски истакна дека опозицијата веќе подолго време користи слични наративи за банкрот на државата кои постојано се покажуваат како неточни. Тој потенцираше дека наместо најавуваниот банкрот, државата во изминатиот период бележи историски резултати и раст, а Владата останува посветена на реализација на проекти со кои се подобрува животот на граѓаните.
Премиерот направи директна споредба меѓу сегашните енергетски политики и менаџирањето на претходната владина коалиција на СДСМ и ДУИ.
„А коментарите, доволен коментар е што, еве веќе трета година почнуваме од мандатот, цената на електричната енергија за граѓаните, не само што не е поскапена, туку се обидуваме да најдеме формула од јануари месец да поевтини. А во времето на Владата на СДСМ и ДУИ, таа порасна за една третина, цената, зборувам на електричната енергија. Тоа се мерливи и компаративни резултати и бројки. По тоа ние можеме да споредуваме, а не по политичка лажна реторика“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој се осврна и на неколку претходни теми во јавноста кои беа потенцирани од опозицијата – од тврдењата за прилив на мигранти од Велика Британија кои не се остварија, па сè до неодамнешните случаи на бегства и приведувања, истакнувајќи дека институциите успешно ги спроведуваат законите и ги носат сторителите таму каде што им е местото – во затвор. Според него, граѓаните секојдневно се сведоци на некреативните политики на опозицијата која, како што вели, „колку повеќе лаже, толку повеќе тоне“.
