ВЕСТИМАКЕДОНИЈАХРОНИКА

Расчистено бруталното убиство на лекарот во Автокоманда: Уапсени сопружници од Скопје

Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Скопје целосно го расчистија свирепото убиство на матичниот лекар А.Т., кое ја потресе јавноста пред повеќе од две години. Како што соопштија од Секторот за односи со јавност и протокол на Министерството за внатрешни работи, по преземени обемни мерки и врз основа на наредби од јавен обвинител, обезбедени се цврсти докази и лишени од слобода се двајца сопружници од Скопје.

Полицијата поднесе кривична пријава против М.В. (65) од Скопје за кривично дело „убиство“ согласно член 123 став 1 од Кривичниот законик. Неговата сопруга, С.В. (59), исто така од Скопје, се соочува со кривична пријава за помагање при извршување на ова тешко кривично дело.

Убиен со девет убодни рани со нож, сопругата ги бришела трагите со средство

Истрагата на МВР детално го реконструираше текот на настанот и монструозниот план на сопружниците, кој беше извршен на 21 март 2024 година на паркинг во скопската населба Автокоманда.

„Осомничената С.В. се договорила со лекарот А.Т. да се најдат на паркингот во Автокоманда и влегла во неговиот автомобил. Кратко време потоа на местото пристигнал и нејзиниот сопруг М.В., кој насилно го извлекол А.Т. од возилото и со нож му нанел дури девет убодни рани, од кои жртвата починала на местото. По извршениот напад, сопружниците заедно го ставиле телото на починатиот лекар во неговиот автомобил. М.В. потоа го одвезол возилото до паркингот на Поликлиниката ‘Железара’, каде што го префрлил починатиот на возачкото седиште со цел да исценира поинакво сценарио. Осомничената С.В. со соодветно средство детално ги избришала сите траги од автомобилот, по што двајцата сопружници побегнале од местото на настанот“, стои во официјалното известување на полицијата.

Благодарение на долготрајната и темелна истрага, полициските службеници успеаја да ги пронајдат сите материјални докази кои ги поврзуваат двајцата сопружници со свирепото дело, по што тие веднаш беа спроведени пред надлежните правосудни органи за одредување на мерки за безбедност, наведуваат од МВР.

Back to top button