ВЕСТИИМПУЛСМАКЕДОНИЈАПОЛИТИКА

Клинч за Изборниот законик: За Мицкоски тој е услов од ЕУ потврден од Марта Кос, за СДСМ е „алиби“ за бегство од реформи

Прашањето за измените на Изборниот законик донесе нова жестока конфронтација и меѓусебни обвинувања меѓу премиерот Христијан Мицкоски и опозицискиот СДСМ. Додека претседателот на Владата тврди дека законикот е клучен дел од реформскиот пакет за кој јасна потврда пристигнала и од еврокомесарката за проширување, Марта Кос, опозицијата обвинува дека власта намерно креира вештачки конфликти со цел да ги прикрие сопствените неуспеси и да избегне клучни реформи во правосудството.

Мицкоски: Еве, нека ја слушаат комесарката Марта Кос – Изборниот законик е дел од ЕУ реформите

Премиерот Христијан Мицкоски категорично ги отфрли обвинувањата од СДСМ дека Владата ја манипулира јавноста кога вели дека Изборниот законик е европски услов. Одговарајќи на новинарско прашање, тој посочи дека потврдата за важноста на овој законик во процесот на интеграција доаѓа директно од Брисел, соопштија од Секторот за односи со јавноста при Генералниот секретаријат на Владата.

„Впрочем сите можеа да ја слушнат комесарката Марта Кос како таа тоа го кажа. Еве, мене не мора да ме слушаат, неважен сум јас во случајот, еве нека ја слушаат комесарката Кос – таа го кажа дека тоа е дел од реформите коишто се битни за евроинтеграцијата. Знаете, чудни се некои политичари во опозицијата. Кога станува збор за нивен интерес, односно за нивниот џеб, тогаш полна им е устата со Европа, Европа и само Европа. Но, кога треба да зборуваме за одговорност и носење потези, а кога се во опозиција, тогаш сè прават само за ние таму да не стигнеме каде што треба. Но, и со нив и без нив, ние продолжуваме да ги реализираме стратешките цели, а тоа е полноправно членство во рамките на ЕУ“, изјави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

СДСМ: Власта намерно го кочи процесот со спорни одредби за да го одбегне владеењето на правото

Од опозицискиот СДСМ експресно возвратија со обвинување дека владејачката партија свесно го користи Изборниот законик како маска за да го сокрие своето неподготвување за реални реформи. Според соопштението од партискиот Центар за комуникации, власта намерно турка спорни одредби за „изборна кражба“ со цел да се создаде лажен впечаток во Брисел дека опозицијата е таа која ги блокира европските процеси.

Опозициската партија тврди дека власта стравува од финализирање на реформската агенда бидејќи тоа подразбира целосна независност на правосудните органи:

„Вистината е едноставна: ВМРО не сака ЕУ. Не сакаат независно судство и независно обвинителство, затоа што тогаш некој ќе мора да одговара за криминалните тендери, за продажбата на струја, за 5 тони дрога и за сите афери кои ги спроведоа во последните две години. Затоа и го држат фокусот на Изборниот законик со спорни одредби. Не затоа што сакаат фер избори, туку затоа што сакаат да го одложат моментот кога ќе мора да се соочат со правдата. Затоа Мицкоски најавува предвремени избори, бидејќи нема излез. Упорно бара алиби, затоа што не сака да признае дека нема пари и дека целосно го затвори европскиот пат на Македонија“, реагираат од СДСМ.

 

Back to top button