АРТВЕСТИИМПУЛСТРЕНД
Во тренд

Контроверзата зад најшокантната слика на Пикасо добива нов изглед во Париз!

ПАРИЗ – Сликата која пред повеќе од еден век предизвика згрозување, гадење и шок кај тогашната уметничка елита, денес повторно е во центарот на вниманието на светската јавност. Британскиот јавен сервис „BBC“ пренесува приказна за култната „Госпоѓиците од Авињон“ (Les Demoiselles d’Avignon) на Пабло Пикасо, која по речиси 120 години добива своја радикална и ангажирана реинтерпретација од страна на познатиот американски уметник Хенри Тејлор.

Неговата верзија во моментов е изложена на голема изложба во Националниот музеј на Пикасо во Париз, отворајќи ги болните прашања за кои славниот шпански сликар со децении одбиваше да зборува: културната апропријација на африканската уметност и неговиот суров однос кон жените.

„Како да пиеш бензин“: Денот кога колегите го поплукаа Пикасо

Во далечната 1907 година, Пабло Пикасо повикал мал круг пријатели и уметници во своето студио во Париз за да им го покаже делото на кое работел половина година. Реакцијата била речиси едногласно згрозување. Францускиот сликар Жорж Брак изјавил дека искуството било „како да пиеш бензин“, додека Анри Матис згрозено ги нарекол насликаните жени „одвратни“. Поради ваквиот пречек, сликата за првпат била јавно изложена дури во 1916 година.

Сликата прикажува пет голи жени во бордел во Барселона кои агресивно зрачат од платното со своите асиметрични, искршени и шилести тела. Ова дело означи радикално скршнување на Пикасо од фигуративното сликарство кон разбивање на формите и просторот, што подоцна стана темел на кубизмот и на целата модерна уметност.

„Дел од она што ја предизвика толку силната реакција е тоа што Пикасо не смени само една работа – тој смени сè одеднаш. Дури и за уметниците кои веќе експериментираа со нови стилови, ова изгледаше како чекор премногу“, објаснува за BBC Џоан Снеч, куратор во Музејот на Пикасо.

Тајната инспирација од Африка која Пикасо ја негираше

Сепак, генијалноста на Пикасо не дојде од никаде. Месеци пред да ја наслика сликата, тој развил опсесија со африканските маски и скулптури, инспириран од една конгоанска фигура што ја купил Матис. Пикасо со часови правел скици во Етнографскиот музеј во Париз, фасциниран од тоа како африканските маски го деформираат и поедноставуваат човечкото лице.

И покрај тоа што африканската уметност клучно го обликуваше неговиот стил, Пикасо подоцна дрско го негираше тоа влијание. Во 1920 година на еден критичар му изјавил дека „никогаш не слушнал за африканска уметност“. Ваквото однесување денес се толкува како класично културно присвојување (апропријација) и експлоатација, со оглед на тоа што Пикасо профитирал од мотиви чие религиозно и социјално значење воопшто не го почитувал, дополнително хранејќи го тогашниот наратив за Африка како „примитивен“ континент.

Хенри Тејлор ги обои „Госпоѓиците“ во црно

Токму овој феномен го предизвика американскиот сликар Хенри Тејлор. Неговата верзија на сликата, насловена „Од Конго до престолнината и повторно црно“ (From Congo to the Capital and Black Again), ги задржува истите пози на петте жени, но нивната кожа наместо бела – сега е црна, директно враќајќи го долгот кон африканската уметност.

Дополнително, телата на неговите жени се помалку деформирани и понасилни од оние на Пикасо. Насилството кај Пикасо, според многу критичари, не било само естетско туку и лично – со оглед на неговиот озлогласен третман на жените кои ги нарекувал „машини за патење“ и тврдел дека се или „божици или отпадоци“.

Кај Тејлор, централната фигура има фризура која наликува на славната Жозефин Бејкер – првата црна суперѕвезда во светот. Сепак, во левиот агол лебди една бела машка рака со златен часовник која безобразно допира една од девојките – суптилен крик против моќта, колонијализмот и експлоатацијата.

Back to top button