ОДЗЕМЕНИ ШЕСТ ВОЗИЛА И СТАН од Александар Лазаров од Кочани
Шест патнички возила и еден стан се привремено одземени од Александар Лазаров од Кочани, откако истражните органи обезбедиле докази што упатуваат на сомнение дека имотот е стекнат со криминална активност, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според МВР, денеска Одделението за внатрешни работи Кочани, во координација со Основното јавно обвинителство Кочани, презело активности во рамки на постапка поврзана со кривично дело по член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Покрај доказите кои се однесуваат на непосредното извршување на кривичното дело, обезбедени се и дополнителни докази кои, како што наведуваат од МВР, создаваат основано сомнение дека Лазаров располага со значителен движен и недвижен имот стекнат со криминална дејност.
По предлог на надлежните органи, Основниот суд во Кочани определил привремени мерки за обезбедување на имотот, при што се одземени шест патнички возила од марките „Џип“, „Порше“, „Фолксваген“, „Ауди“, „БМВ“ и „Пасат“, како и еден стан.
Од МВР информираат дека истрагата продолжува и дека ОВР Кочани ќе презема дополнителни мерки и активности за утврдување на законитоста на стекнатиот имот.
Надлежните институции засега не соопштуваат повеќе детали за вредноста на одземениот имот, ниту за евентуални нови постапки што би произлегле од истрагата.
