Владата ја продолжи кризната состојба за нафта и нафтени деривати до 20 октомври

Владата на денешната седница ја донесе Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба во снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Како што соопштија од Секторот за односи со јавноста при Генералниот секретаријат на Владата, со оваа измена рокот на важење на кризната состојба се продолжува од 21 јули до 20 октомври годинава.
Со оваа мерка се обезбедува институционален континуитет и механизам за навремено преземање чекори доколку дојде до непредвидени пазарни нарушувања или до значителни ценовни шокови на меѓународните пазари, се наведува во владиното соопштение.
Од Владата појаснуваат дека продолжувањето на рокот е превентивен чекор со кој државата си обезбедува простор за брза реакција на енергетски план.
„Целта на оваа одлука е Владата да располага со соодветен правен механизам за брза и ефикасна реакција, со цел да се зачува стабилноста во снабдувањето, да се ублажат последиците од евентуални пазарни нарушувања и да се заштитат интересите и животниот стандард на граѓаните и стопанството. Владата и понатаму внимателно ќе ги следи состојбите на домашниот и меѓународниот енергетски пазар и, доколку тоа го наложат околностите, ќе продолжи да носи навремени и соодветни мерки во интерес на сигурно, стабилно и непречено снабдување со нафта и нафтени деривати“, се наведува во официјалното соопштение.
По заокружувањето на сите внатрешни владини процедури и усогласувањето на текстот, одлуката ќе биде доставена до Собранието на Република Северна Македонија за натамошно разгледување и финално донесување, согласно законските надлежности на законодавниот дом.
