
Со премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за две години животниот стандард на граѓаните е целосно урнисан, платите се најниски во Европа, а народот осиромашува и живее многу полошо, обвини денеска на прес-конференција Симона Цветановски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
По повикување на официјалните податоци од Управата за јавни приходи (УЈП) за 2025 година, Цветановски истакна дека дури 73% од граѓаните во државата примаат плата која е под месечниот просек во земјата.
На половина од вработените ниту две плати не им стигнуваат за потрошувачката кошничка
Од опозициската партија изнесоа загрижувачки економски показатели за куповната моќ на македонските работници.
„Дури половина, односно 50% од вработените земале плата меѓу 24.000 денари и 36.000 денари. Ако се спореди со минималната потрошувачка кошничка која изнесува 70.000 денари, значи дека на половина од вработените ниту две плати не им се доволни за да ги покријат основните животни трошоци. Ова е вистината – најголем дел од граѓаните и од работниците едвај врзуваат крај со крај бидејќи животот стана прескап, а храната стана луксуз“, изјави Симона Цветановски.
Одбивањето да се покачи минималната плата на 600 евра води кон сиромаштија
Според СДСМ, главната причина за економскиот пад е прекинувањето на континуираниот раст на платите и директното одбивање на владата на Мицкоски да ја покачи минималната плата во државата на 600 евра. Оваа одлука, како што велат од опозицијата, ги принудува родителите да кратат од себе за да обезбедат основни услови за децата, додека финансиски добро стојат само премиерот и неговите сопартијци.
Цветановски на крајот предупреди дека економскиот колапс дополнително се засилува со најновото поскапување на горивата, што според неа ќе предизвика нов ценовен удар и дополнително поскапување на основните прехранбени производи.
