ВЕСТИДИГИТАЛИМПУЛССВЕТ
Во тренд

Франција е првата земја во ЕУ што целосно ги забранува социјалните мрежи за деца под 15 години

ПАРИЗ – Француските пратеници изгласаа историски закон со кој се забранува користењето на социјалните мрежи за деца под 15-годишна возраст, со што Франција стана првата земја-членка на Европската Унија која воведува ваква строга возрасна граница, пренесува Си-Ен-Ен.

Законот, кој беше силно поддржан и инициран од францускиот претседател Емануел Макрон, помина со огромно мнозинство во парламентот. Макрон веќе го најави неговото потпишување и итно стапување во сила уште од почетокот на оваа училишна година во септември.

„Емоциите и мозоците на нашите деца и тинејџери не се за продажба ниту за манипулација – ниту од американските платформи, ниту од кинеските алгоритми! Социјалните мрежи ќе бидат забранети за деца под 15 години почнувајќи од оваа учебна година“, порача Макрон.

„Опасни производи за деца под 15 години!“

Новата регулатива, која ќе ја спроведува францускиот дигитален регулатор Arcom, носи брутални правила за сите големи технолошки гиганти:

Забрана за рекламирање: Се забранува секаква промоција и рекламирање на социјални мрежи насочена кон деца, вклучително и од страна на инфлуенсери.

Задолжителни предупредувања: Сите реклами за платформи за социјални мрежи мора да ја носат официјалната ознака: „Опасни производи за деца под 15 години“.

Париз, Ајфелова кула
Фото: Ј. Ѓорѓиоски

Според податоците на регулаторот Arcom, тинејџерите во Франција поминуваат во просек по 1 час и 21 минута дневно само на TikTok. Анализите покажуваат дека алгоритмите за препораки на овие платформи форсираат екстремни, вознемирувачки и штетни содржини кои предизвикуваат анксиозност кај младите.

Европската унија поддржува: „Социјалните мрежи не се играчка!“

Францускиот чекор следи по Австралија, која минатата година ја донесе првата забрана за под 16 години, додека Велика Британија, Шпанија, Грција и Данска веќе најавија слични ограничувања.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, даде силна поддршка за ваквите иницијативи:

„Социјалните мрежи не се играчка. Во Европа, оној што развива производ е одговорен за неговата безбедност. Автомобилските производители мора да ги направат возилата безбедни – не очекуваме децата сами да си дизајнираат појаси. Тука не станува збор за тоа дали децата можат да пристапат до социјалните мрежи, туку дали и кога социјалните мрежи смеат да пристапат до нашите деца“, изјави Фон дер Лајен.

Како ќе се контролира возраста?

Главниот предизвик за Франција сега е механизмот за верификација на возраста, за што Владата вети дека ќе имплементира строги контролни системи. Франција веќе има искуство со вакви дигитални бариери, откако во 2025 година успешно воведе задолжителна потврда на возраста за пристап до порнографски содржини на интернет.

Додека родителите и педијатрите во Франција ја поздравија оваа одлука посочувајќи дека децата со часови се заглавени на паметните телефони, дел од тинејџерите сметаат дека нивната генерација брзо ќе најде начини да ги заобиколи техничките блокади.

Back to top button