ВЕСТИМАКЕДОНИЈАСКОПЈЕ

Екипите на „Комунална хигиена“ на терен: Се расчистува Скопје по вчерашното невреме

Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје во текот на изминатата ноќ и утрово започнаа со засилени активности на терен за справување со последиците и расчистување на градот по обилните дождови што вчера го зафатија Скопје.

Во директна координација со Градот Скопје, претпријатието ги ангажираше своите ресурси за чистење на сите јавни и сообраќајни површини, со цел да се обезбеди нормална проодност за пешаците и непречено одвивање на сообраќајот низ градските улици.

Машинско миење и враќање на изместените контејнери

Од јавното претпријатие информираат дека нивните екипи спроведуваат рачно и машинско метење и миење на коловозите и тротоарите каде што има нанесено кал и отпад.

Покрај чистењето, комуналните работници се ангажирани и за пронаоѓање и повторно враќање на садовите за одлагање отпад (контејнерите и кантите), кои беа поместени или превртени од силните водени буици и ветерот за време на синоќешното невреме.

Од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје истакнуваат дека вонредните активности ќе продолжат да се одвиваат во текот на целиот ден, сè до целосно санирање на сите локации засегнати од невремето.

Back to top button