Координативен состанок за невремето во Скопје: Општините ќе формираат комисии за пријавување и проценка на штетите
Денеска се одржа координативен состанок меѓу скопските градоначалници и Кризниот штаб на Град Скопје, на кој беа сумирани штетите и последиците од силното невреме што ја зафати престолнината. Синоќешниот оркански ветер, чии удари достигнуваа и до 130 километри на час, предизвика значајни материјални штети низ сите скопски општини, вклучувајќи паднати дрвја, оштетени покриви, фасади, електрични водови, урбана опрема и приватни возила, соопштуваат од Град Скопје.
Како што беше истакнато по состанокот, станува збор за временска непогода од размери какви што Скопје не памети со децении, поради што сите расположливи капацитети на градот и општините се ставени во целосна функција.
Процесна поддршка за граѓаните и строги инспекциски контроли
Со цел санирање на последиците и директна помош за засегнатите граѓани, на состанокот беа договорени неколку клучни чекори и координативни мерки.
„Скопските општини ќе формираат комисии пред кои граѓаните ќе можат да ги пријават штетите предизвикани од невремето. Во координација со Владата и премиерот Христијан Мицкоски, кој веќе прогласи кризна состојба, ќе се врши стручна процена на пријавените штети, по што согласно законската регулатива ќе започне постапка за поддршка на граѓаните при санацијата на оштетувањата на објектите за домување. Истовремено, општинските градежни инспектори и инспекторите за домување ќе извршат засилени контроли на сите објекти каде што имаше оштетени кровни конструкции за да се утврдат причините, земајќи предвид дека одржувањето на истите е обврска на куќните совети“, се соопштува по координативниот состанок.
Од Кризниот штаб изразија благодарност до дежурните екипи на јавните претпријатија и Противпожарната бригада на Град Скопје, кои со брза интервенција во текот на ноќта ги расчистија главните сообраќајници и продолжија со отстранување на паднатите дрвја и гранки од тротоарите. Службите и градоначалниците остануваат на терен сè до целосно санирање на сите локации и обезбедување целосна безбедност за граѓаните.
