БРИСЕЛ – Европската комисија претстави нов, амбициозен социјален план со кој се ажурира Стратегијата за правата на лицата со попреченост (2021–2030), со цел да се зајакнат правата, достапноста и целосната инклузија на оваа категорија граѓани во рамките на Европската Унија. Според податоците на Еуростат, дури 90 милиони Европејци живеат со некаков облик на попреченост. Поради ова, Европската комисија нагласува дека постигнувањето целосна инклузија е императив – не само за почитување на нивните основни човекови права, туку и за зајакнување на економијата и демократијата на Европа.
Најновиот документ на Генералниот директорат за комуникации нотира сериозни системски бариери и загрижувачки бројки со кои се соочуваат лицата со попреченост во ЕУ. Анализата на пазарот на труд покажува дека само 55% од лицата со попреченост се вработени, во споредба со 77% кај лицата без попреченост. Истовремено, околу 1,4 милиони луѓе сè уште живеат сместени во големи институции, додека секое трето лице со попреченост се соочува со постојан ризик од сиромаштија, што е речиси двојно повеќе од просекот на Европската Унија.
За да се заштитат социјално-економски ранливите категории во сите сфери на живеењето, Комисијата ги засилува напорите преку неколку нови клучни иницијативи. Првата мерка предвидува официјално воведување и имплементација на единствена „Европска картичка за попреченост и паркирање“ на ниво на цела ЕУ, која ќе го олесни патувањето и признавањето на статусот во сите земји членки. Покрај тоа, се формира посебна „Алијанса за независно живеење“, чија главна задача ќе биде замена на досегашните големи институции со координирана поддршка во рамките на локалните заедници. Планот опфаќа и директни мерки за зголемување на достапноста на јавниот транспорт, како и инвестирање во напредни асистивни технологии, вклучително и развивање на специјални алатки базирани на вештачка интелигенција.
Новиот социјален план на Брисел дополнително ја содржи и првата стратегија на ЕУ против сиромаштијата, предлог-препораки на Советот за борба против исклученоста од домување, како и посебна комуникација за прекинување на кругот на детската сиромаштија. Оваа ажурирана стратегија претставува обновен одговор на новите предизвици кои се појавија по 2021 година, а ги зема предвид и препораките на Обединетите Нации, барањата на самите организации кои ги претставуваат лицата со попреченост, како и повиците од Европскиот парламент.
Ј. Ѓ.
