
Повеќе од 3.000 жолти гумени патки го исполнија каналот во лондонскиот кварт Падингтон во четвртокот, во необична хуманитарна трка организирана за собирање средства за бебиња и деца кои се лекуваат на одделите за интензивна нега, објави Ројтерс.
Спонзорираните гумени патки беа пуштени во каналот кај Мерчант сквер, по што „се натпреваруваа“ на патека долга околу 100 метри. Граѓаните можеа да спонзорираат по една или повеќе патки, а сопствениците на оние што први ја поминаа целта добија награди, меѓу кои и повратни билети за патување со „Еуростар“.
Thousands of rubber ducks raced to the finish line through a London canal as part of a fundraising event for Cosmic, a charity that supports babies and children in intensive care pic.twitter.com/vGqlkHz4bm
— Reuters (@Reuters) July 30, 2026
Настанот го организираше хуманитарната организација „Космик“, која ги поддржува детските и неонаталните оддели за интензивна нега во болниците „Сент Мери“ во Падингтон и „Квин Шарлотс“ во Хамерсмит. Организацијата обезбедува современа медицинска опрема, обука за здравствените работници, истражувања на болести опасни по живот, како и советување, сместување и практична помош за семејствата на хоспитализираните деца.
Покрај трката со гумени патки, во Падингтон беа организирани музика, активности за деца и традиционална регата со змејски чамци, во која учествуваа 22 екипи. Двата настана беа дел од заедничката хуманитарна програма на „Космик“ и Мерчант сквер.
Организаторите наведуваат дека трката со патки се одржува секоја година и претставува забавен начин за вклучување на локалната заедница во собирањето средства за најмладите пациенти, нивните семејства и медицинските тимови што се грижат за нив.

