
Опозициската СДСМ преку соопштение упати остри критики кон власта, обвинувајќи ги премиерот Христијан Мицкоски и Игор Клековски за, како што велат, труењето на граѓаните во Гостивар и низ цела Македонија поради загадена вода за пиење.
Од партијата тврдат дека над 50 населени места и градови, меѓу кои Гостивар, Крушево, Валандово, Булачани, Пласница и бројни други села, се соочуваат со небезбедна вода, обвинувајќи ги институциите за целосен колапс.
Скриени извештаи и ризик од епидемија во Гостивар
Според СДСМ, граѓаните на Гостивар 22 дена се труеле со вода полна со фекалии, додека надлежните институции, вклучително и Центарот за јавно здравје кој првично ја прогласил водата за безбедна, не презеле ништо.
Од партијата алармираат дека дневно по 200 луѓе барале лекарска помош поради тегоби, а сега постои и сериозен ризик од епидемија на жолтица во градот.
„Сите институции водени од криминалната организација ВМРО потфрлија, сите! Потоа ги криеа резултатите од водата кои до денеска не се објавени. Не се знае кој одобрил користење на ‘техничка вода’ и кој потпишал дека е исправна. Тотален институционален колапс, дебакл. А цената ја плаќаат граѓаните со најскапото нешто, своето здравје“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Од партијата посочуваат дека изјавите на Мицкоски и Клековски се контрадикторни и порачуваат дека никој од власта нема да може да побегне од одговорноста за загрозувањето на јавното здравје низ државата.
