Вонреден надзор во три болници по парализата на 19-годишната родилка од Струмица
Министерството за здравство соопшти дека по налог на министерот, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) спроведува вонреден инспекциски надзор во три здравствени установи. Надзорот опфаќа Општа болница Струмица, Клиничка болница Штип и Универзитетската клиника за неврологија во Скопје, а се однесува на третманот на пациентката кој предизвика силен интерес во јавноста.
Деветнаесет годишна девојка од Струмица, по породувањето со царски рез во струмичката болница и аплицираната спинална анестезија, целосно ја изгубила подвижноста во нозете и развила параплегија.
Нејзиното семејство јавно обвини за лекарска грешка и несоодветен третман додека младата мајка итно била префрлана прво во Клиничката болница во Штип, а потоа на Клиниката за неврологија во Скопје за дополнителни истражувања. Паралелно, раководството на штипската болница веќе најави формирање сопствена стручна комисија за евалуација на случајот, излегувајќи со тврдење дека при прегледите кај нив не биле воочени хируршки пропусти во нивниот домен на лекување.
Апел за воздржаност од шпекулации и заштита на приватноста
Во наредните денови се очекува ДСЗИ да ги комплетира надзорите и да ја прибере целокупната медицинска документација, соопштуваат од Министерството за здравство. Врз основа на утврдената фактичка состојба ќе следат заклучоците од стручниот надзор и евентуални понатамошни дејствија доколку се утврдат пропусти, се наведува во соопштението.
Од ресорното министерство апелираат на воздржаност од предвремени заклучоци и шпекулации, нагласувајќи ја важноста за заштита на приватноста, личните податоци и достоинството на пациентката и нејзиното семејство, како и коректност кон здравствените работници.
„Министерството за здравство уверува дека случајот ќе биде разгледан темелно, професионално и до крај. Ниту еден аспект нема да биде изоставен, а доколку се утврдат пропусти, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно надлежностите и важечките законски прописи“, стои во соопштението, од каде додаваат дека по завршувањето на надзорите јавноста ќе биде транспарентно информирана за наодите.
Ј. Ѓ.
