
Полициски службеници од Мобилната единица при Секторот за сообраќајни работи на МВР денеска го лишија од слобода 39-годишниот М.Ш. од тетовското село Челопек, откако бил идентификуван како возачот кој пред неколку дена возеше во спротивна насока на автопатот Скопје-Велес.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил на 2 август околу 19:20 часот. Возачот, управувајќи патничко возило марка „голф“ со тетовски регистарски ознаки, се движел во спротивен правец на автопатот, загрозувајќи ја безбедноста во сообраќајот. За овој опасен маневар сведочеа и фотографии објавени од очевидци кои брзо се проширија на социјалните мрежи.
По целосно документирање на случајот, МВР најави дека против возачот ќе следуваат соодветни законски мерки.
„Против М.Ш. ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик за ‘безобѕирно управување возило’ и истиот ќе биде изведен пред надлежен јавен обвинител. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со што заеднички ќе придонесеме за побезбедни патишта“, се наведува во официјалното соопштение на МВР.
