
Охридскиот рамковен договор останува важен столб на уставната и институционалната архитектура на државата, а неговата важност мора да се гледа подалеку од политичките разлики и секојдневните толкувања, порача претседателот на Собранието, Африм Гаши, во своето обраќање по повод 25-годишнината од потпишувањето на документот.
Потсетувајќи на историското значење на договорот, Гаши истакна дека тој претставувал политички и институционален одговор на криза, кој ги поставил мирот, дијалогот и еднаквоста во основата на градењето одржливо општество. Според него, одговорноста на денешните генерации е да се надоврзат на поуките од договорот и да ги преточат во одржливи стандарди на демократијата и соживотот.
„Република Северна Македонија е заеднички дом за сите нејзини граѓани. Неговата сила не лежи во разликите што нè делат, туку во способноста да ги претвориме во заеднички вредности. По четвртина век, прашањето што мора да си го поставиме повеќе не е што сме постигнале, туку што ни останува да им наследиме на идните генерации, државата што ја сакаме“, нагласува претседателот на Собранието во својата порака.
На крајот од своето обраќање, Гаши упати порака дека овој јубилеј треба да претставува заедничка обврска за денешната политичка генерација и институциите да го зачуваат мирот преку дијалог и да ја зајакнат еднаквоста преку дела. Тој порача дека секоја идна генерација треба да го наследи Охридскиот договор како пресвртница во историјата и како жива вредност на државата, додека граѓаните се тие кои имаат сила да го живеат тоа секој ден.
