
Еколошките здруженија „Зелена народна стража“ и „Спас за Прилеп“ упатија остри критики до раководството на основното училиште „Кочо Рацин“ во Прилеп, обвинувајќи дека по барање на директорката е исечено едно стогодишно дрво, додека граѓаните спречиле сечење на второ. Според нивните наводи, официјалното објаснување за отстранувањето било „за децата да не се лизнат од паднатите лисја“.
Како што информираат активистите, еден од двата стогодишни јавори веќе е исечен. Тие остро реагираат на ваквиот потег, оценувајќи ги аргументите како бесмислени и посочувајќи дека доколку институциите навистина се загрижени за здравјето на децата, фокусот треба да биде ставен на раззеленување на училиштето, а не на, како што велат, „правење пустина“.
Во својата реакција, здруженијата потсетуваат на суштинската улога на дрвјата во прочистувањето на воздухот, особено во услови на високо аерозагадување.
„Воздухот доаѓа од дрвјата, а не од бетонот. Акутните респираторни инфекции се меѓу најчестите заболувања кај децата во Македонија, додека пневмонијата е меѓу водечките причини за смрт кај децата под 5 години на глобално ниво. Секоја година имаме зголемување на веќе страшните бројки на смртноста од загадениот воздух, а вие се дрзнувате да сечете здрави дрвја со кои пораснале повеќе генерации“, стои во нивната јавна објава.
Од „Зелена народна стража“ и „Спас за Прилеп“ порачуваат дека граѓаните се сè посвесни и будно ги следат состојбите. Тие нагласуваат дека народот ќе застане на патот на ваквите одлуки и ќе каже СТОП на сите обиди за уништување на природата кои се спроведуваат самоволно, без експертско мислење и без логични аргументи.
Ј. Ѓ.
