ВЕСТИСВЕТ

Ликот на Ерлинг Халанд на пакети со кокаин запленети во Еквадор [ВИДЕО]

Еквадорската полиција заплени голема пратка кокаин во близина на границата со Колумбија, а случајот привлече дополнително внимание откако на дел од пакетите со дрога биле пронајдени налепници со ликот на норвешката фудбалска ѕвезда Ерлинг Халанд.

Според еквадорскиот весник „Ел Универсо“, полицијата во областа Гвагва Негро, во близина на градот Тулкан во провинцијата Карчи, запрела камион во кој во специјално направен двоен под биле скриени 370 пакети кокаин. Еквадорското обвинителство подоцна соопштило дека вкупната тежина на запленетата дрога изнесувала 469,6 килограми.

Во операцијата била приведена жена со колумбиско државјанство, која управувала со возилото. Обвинителството покренало постапка за сомнение за трговија со дрога, а судот определил притвор. Полицијата како доказ ги запленила и камионот и мобилен телефон, додека истрагата продолжува за да се утврдат потеклото и крајната дестинација на пратката.

„Асошиејтед прес“ објави снимки од полициската операција на кои се гледаат зелени правоаголни пакети со налепници на кои е ликот на напаѓачот на Манчестер сити и норвешката репрезентација Ерлинг Халанд. Полицијата не соопшти зошто токму неговиот лик бил употребен на пакувањата.

Сепак, според АП, употребата на имиња или ликови на познати спортисти и други јавни личности на пакети со наркотични средства не е непозната практика. Таквите ознаки можат да се користат за идентификација на одредена пратка, криминална мрежа или примач. Во минатото на запленети пакети со дрога бил забележан и ликот на аргентинската фудбалска ѕвезда Лионел Меси.

Според проценките што ги пренесува АП, вредноста на запленетиот кокаин би изнесувала околу 842.000 долари на еквадорскиот пазар, повеќе од 11 милиони долари во САД и околу 19,6 милиони долари доколку пратката стигнела на европскиот пазар.

Еквадор во последните години е една од клучните транзитни точки за меѓународната трговија со кокаин, особено за дрога која потекнува од соседните Колумбија и Перу, а преку пристаништата и копнените маршрути се транспортира кон Северна Америка и Европа. Во првата половина од 2026 година, еквадорската полиција пријавила заплена на околу 80 тони дрога.

Во првичните информации за случајот се појавија различни податоци за тежината на пратката, но локалниот извор „Ел Универсо“, повикувајќи се на еквадорското обвинителство, ја наведува конечната измерена количина од 469,6 килограми кокаин.

Back to top button