Судијата кој минатата недела го осуди поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад на смрт во отсуство, самиот беше осуден на смрт во отсуство од истиот тој режим пред неколку години. Судијата Фахр ал-Дин ал-Аријан дезертираше од Министерството за правда во 2013 година, приклучувајќи им се на правосудните тела на опозицијата. Неговото враќање на функцијата, откако Асад беше соборен и побегна во Русија во декември 2024 година, е најдобра илустрација за потрагата на земјата по транзициска правда, анализира Си-Ен-Ен.
Иако е малку веројатно дека казната некогаш ќе биде извршена, за првпат по децении брутално владеење, моделот на неказнивост во Сирија е скршен. Смртната пресуда, изречена и за неговиот помлад брат Махер, изведе многу Сиријци на улиците кои славеа извикувајќи дека ова е „историски“ и „симболичен“ момент.
Башар ал Асад и неговиот брат осудени на смрт во отсуство во Сирија [ВИДЕО]
Сириската граѓанска војна, која започна во 2011 година, однесе стотици илјади животи, расели милиони и ја уништи економијата. Ибрахим ал-Асил, виш истражувач во Иницијативата за Блискиот Исток на Харвард Кенеди школата, вели дека пресудите се „политички и емотивно значајни, но истовремено ова е само еден дел од правдата што многу Сиријци ја чекаа – и сè уште ја бараат“.
Критики за стандардите на судењето
Кога Асад побегна во егзил во Москва во декември 2024 година, тој зад себе остави институции и правен систем кој неговото семејство го градеше шест децении. Според Обединетите Нации, правдата е само еден од „четирите столбови на транзициската правда“, при што вистината, репарацијата и гаранциите за неповторување носат еднаква тежина.
Се поставува и прашањето дали ова изрекување на казна ги исполнило стандардите за кредибилна транзициска правда. Организацијата „Амнести Интернешнл“ ја повика Сирија да стави крај на судењата во отсуство и употребата на смртна казна, да ги инкорпорира злосторствата според меѓународното право во домашното законодавство и да го реформира судството. Министерството за правда ги отфрли критиките, велејќи дека постапките биле во согласност со сирискиот закон и вклучувале учество на жртвите и нивните претставници.
Фадел Абдул Гани, основач на Сириската мрежа за човекови права, смета дека се потребни многу повеќе судски процеси: „Ни требаат многу случаи, не само еден, особено насочени кон највисокиот ранг, за да се намали чувството на гнев кај луѓето, за Сирија да може да оди напред“.
Малкумина веруваат дека рускиот претседател Владимир Путин некогаш ќе го екстрадира Асад од Москва. Смртната казна ја комплицира секоја екстрадиција според рускиот закон, но одлуката да не се предаде поранешен близок сојузник за да се соочи со правдата би била многу повеќе политичка отколку правна.
Што оди во правилна насока во Сирија?
Иако правните аспекти на транзициската правда се сложени, овој случај се смета за пресвртница. Она што навистина дава надеж за иднината, според Абдул Гани, е слободата на говор: „Сиријците можат слободно да зборуваат и да ја критикуваат владата, власта, дури и високите функционери“. Тој додава дека често ја критикува новата влада без никакви последици.
Поранешниот бунтовнички командант, Ахмед ал-Шараа, кој е претседател на Сирија од 2025 година, води отворена меѓународна политика. По соборувањето на Асад, Сирија ги зајакна врските со САД, кои ги укинаа повеќето санкции. Државата ги обнови односите со арапските соседи и го пречека францускиот претседател Емануел Макрон, кој стана првиот западен лидер што ја посетил земјата по 2024 година. Дополнително, Ал Шараа неодамна постигна договор со Москва според кој две клучни руски крајбрежни бази ќе бидат префрлени под сириска контрола.
Сепак, остануваат длабоки предизвици во потрагата по национално единство. Тензиите меѓу сириската армија и малцинството Друзи на југот продолжуваат да предизвикуваат смртоносни судири. Постои и кофликт помеѓу арапските и курдските заедници на североистокот, а владата мораше да одговори и на насилствата против малцинството Алавити долж крајбрежјето. Аналитичарите предупредуваат дека на Сирија итно ѝ е потребен процес на национален дијалог за да се надминат поделбите и да се дефинира иднината на државата.
Ј. Ѓ.


