
Лихтенштајн ги менува вековните правила за наследување на престолот и во иднина првороденото дете ќе може да стане престолонаследник без оглед дали е машко или женско, објави Асошиејтед прес, повикувајќи се на Кнежевската куќа на земјата.
Промената ја објави престолонаследникот Алоис во говорот по повод националниот празник на Лихтенштајн. Со неа досегашниот принцип на машка примогенитура се заменува со апсолутна примогенитура, што значи дека полот повеќе нема да има предност при утврдувањето на наследникот на престолот.
Предлогот за измена на семејниот закон бил усвоен со потребното двотретинско мнозинство од членовите на Кнежевската куќа кои имаат право на глас. Со измените, женските членови на семејството ќе добијат и исти права на учество во прашањата регулирани со семејниот закон како и машките членови.
„Во иднина, првороденото дете, без оглед на полот, ќе стане престолонаследник“, објасни Алоис при претставувањето на новото правило.
Сепак, реформата нема да предизвика непосредна промена на сегашниот ред за наследување на престолот. Новото правило ќе се применува исклучиво на идните потомци на децата на престолонаследникот Алоис и неговата сопруга, принцезата Софи. Веќе родените членови на Кнежевската куќа не се опфатени со измената.
Најстарото од четирите деца на Алоис и Софи е принцот Јозеф Венцел, кој и натаму останува во актуелната линија за наследување. Нивното второ дете е принцезата Мари Каролина.
На чело на Лихтенштајн и натаму е кнезот Ханс-Адам Втори, кој во 2004 година најголемиот дел од своите државнички овластувања му ги пренесе на својот најстар син Алоис.
Одлуката претставува значајна промена за една од традиционално поконзервативните европски монархии. Лихтенштајн беше последната европска држава што им даде право на глас на жените на национално ниво, во 1984 година, а во 2025 година Бригите Хас стана првата жена премиер на земјата.
Со новото правило, Кнежевската куќа се приклучува кон европските монархии во кои полот повеќе не го одредува првенството во наследувањето на престолот.


