
Премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска влегоа во нова политичка пресметка околу пензиите, животниот стандард и начинот на кој се трошат буџетските пари. Мицкоски тврди дека во изминатите две години пензиите растеле значително побрзо отколку за време на претходната влада, додека Филипче возврати дека граѓаните денеска се соочуваат со растечки трошоци без конкретни мерки за поддршка.
За време на посетата на Општина Прилеп, Мицкоски рече дека просечното месечно зголемување на старосната пензија во мандатот на актуелната влада е 3,25 пати поголемо во споредба со периодот на владата предводена од СДСМ и ДУИ.
„Во овие две години, во овие 24-25 месеци, оваа влада успеала просечно месечно за 296 денари да ја зголеми пензијата, додека претходната влада за 83 месеци успеала за 91 денар. Кога ќе се споредат овие два параметра, доаѓаме до 3,25 пати повеќе сега отколку во времето на владата на СДСМ и ДУИ, или тоа е математички прецизно 325%“, рече Мицкоски.
Тој направи и споредба меѓу првите околу две години од мандатите на двете влади. Според неговите пресметки, во периодот од јуни 2017 до средината на 2019 година просечната старосна пензија била зголемена за околу 540 денари, додека во првите 25 до 26 месеци од актуелната влада растот изнесувал повеќе од 6.800 денари.
„Тоа е повеќе од 12,5 пати. Таа е разликата“, изјави премиерот.
Мицкоски упати и остри критики кон опозицијата, оценувајќи дека таа треба да ја прифати, како што рече, реалноста и да излезе од „безидејноста“, додека Владата ќе продолжи со инфраструктурни проекти, реформи и стабилизирање на системот.
Од СДСМ, пак, со спротивна оценка за економската состојба. Лидерот на партијата Венко Филипче порача дека главното прашање не е споредбата со претходната власт, туку каква поддршка добиваат граѓаните денеска во услови на растечки животни трошоци.
„Сакаат да ја продадат приказната дека сите сме исти. Е, не сме исти. А не ни личиме едни на други. Ние ја сфаќаме државата како место во кое што секој треба добро и квалитетно да живее. Тие ја сметаат за плен“, рече Филипче.
Тој обвини дека актуелната власт троши пари за „криминални тендери“, додека владите предводени од СДСМ обезбедувале средства за плати, пензии, семејства и антикризни мерки.
Филипче потсети дека, според него, за време на претходните кризи околу две милијарди евра од буџетот биле насочени кон различни категории граѓани и праша каква директна помош добиваат домаќинствата сега, во период кога растат цените на енергенсите и другите основни трошоци.
„Сега што се случува? Каква поддршка имаат семејствата? Поскапува струјата, поскапува парното. Што може да очекуваат луѓето? 26.000 денари е минималната плата. Неколку пати го одбиваат нашиот предлог да се зголеми минималната плата на 600 евра. Кошничката достигна 70.000 денари“, изјави Филипче.
Според него, реалните трошоци на едно домаќинство се уште повисоки кога во пресметката ќе се вклучат кирија или рата за станбен кредит.
„Ако се додадат другите трошоци, реални, кирија за стан или кредит за стан, надминуваат 90 и нешто илјади денари. Луѓето не може да преживеат“, рече лидерот на СДСМ.
Со денешните изјави, власта и опозицијата повторно понудија две спротивставени слики за економската состојба. Мицкоски во фокусот ги стави номиналните зголемувања на пензиите и споредбата со претходната влада, додека Филипче го отвори прашањето дали растот на приходите е доволен за да го следи поскапувањето на основните животни трошоци.
