
Комитетот на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост отвори серија прашања за третманот на лицата со попреченост во Словачка, со посебен фокус на употребата на физички и хемиски средства за ограничување во психијатриските установи, бавниот процес на деинституционализација и преминот кон целосно инклузивно образование. Прашањата беа отворени при разгледувањето на вториот и третиот периодичен извештај на Словачка за спроведувањето на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, соопшти Канцеларијата на ОН во Женева.
Експертите на Комитетот посочија дека, и покрај претходните препораки од повеќе меѓународни тела, добиле информации дека во психијатриските болници продолжиле да се користат различни форми на физичко ограничување. Членката на Комитетот Розмари Кејс отвори прашање и за употребата на таканаречени мрежести кревети и за случаи во кои лица биле механички ограничувани подолг временски период, вклучително и при јадење или користење тоалет.
Словачката делегација одговори дека мрежестите кревети се забранети од почетокот на 2025 година. Според податоците што ги презентираше пред Комитетот, во 2024 година во земјата имало 211 такви кревети. Од 1 јануари 2025 година важат нови правила според кои здравствените установи мора да пријавуваат какви средства за ограничување користат, а Министерството за здравство води регистар и врши надзор.
Властите навеле и дека наместо мрежестите кревети се развиваат посебни заштитни простории за пациенти кај кои постои ризик за нивната или за безбедноста на другите. Комитетот, сепак, побара одговори за тоа како Словачка ќе обезбеди целосна забрана на практиките што можат да доведат до нехуман или понижувачки третман, како и независен надзор врз психијатриските установи.
Голем дел од дијалогот беше посветен и на образованието. Експертката Наталија Гуала праша дали Словачка има конкретна временска карта за премин кон инклузивно образование и зошто во системот сè уште постојат сегрегирани или „специјални“ училишта. Комитетот побара информации и за тоа дали редовните училишта можат да одбијат ученик поради попреченост и каква поддршка добиваат децата што се вклучуваат во редовната настава.
Словачката делегација тврди дека земјата не гради нови специјални училишта и дека бројот на деца со попреченост вклучени во редовното образование постојано расте. Од 2023 година се воведени нови професионални стандарди за процена на децата, а само годинава биле повторно проценети околу 2.500 ученици со цел оние кои биле несоодветно упатени во посебно образование да бидат префрлени во редовните училишта. Властите велат дека е воспоставен и систем на индивидуализирана поддршка.
Комитетот изрази загриженост и поради бавниот процес на деинституционализација. Словачката страна призна дека процесот се одвива бавно и дека засега нема прецизен рок за негово завршување. Владата наведе дека за развој на услуги во заедницата се издвоени околу 200 милиони евра и дека преку 179 проекти се создадени околу 3.000 нови места во услуги базирани во заедницата.
Во завршните забелешки, Комитетот порача дека Словачка треба да го забрза преминот од институционална грижа кон живот и поддршка во заедницата, како и да ги напушти моделите во кои други лица донесуваат одлуки во име на лицето со попреченост. Истовремено, експертите го поздравија активното учество на словачките организации на лица со попреченост во процесот на оценување.
Словачка, пак, соопшти дека реформите треба постепено да го заменат традиционалниот социјален и заштитнички пристап со модел заснован на човекови права, автономија, пристапност и еднакво учество на лицата со попреченост во општеството.



