ВЕСТИПОЛИТИКА

Славјанка Петровска на Молитвен појадок во Киев: Потврдена поддршката за Украина и врачен орденот „Принцеза Олга“

Пратеничката во македонското Собрание, Славјанка Петровска, вчера (23 август) учествуваше на Националниот молитвен појадок на Украина кој се одржа во Киев. Како што соопштуваат од Собранието, овој значаен духовен и дипломатски настан ги обединува политичките, верските, граѓанските и меѓународните лидери во напорите за мир, единство и правда.

Годинешното издание на Молитвениот појадок, кој се одржува под покровителство на украинскиот претседател, има посебно историско значење бидејќи се совпаѓа со одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Украина. Во собраниското соопштение се посочува дека на настанот присуствувале високи украински претставници, меѓународни партнери, семејства на загинати борци и хуманитарни организации.

Во рамките на посетата, Петровска остварила средба со Игор Жовква, заменик-шеф на Кабинетот на претседателот на Украина. Од Собранието информираат дека на средбата била реафирмирана силната и недвосмислена поддршка од Република Северна Македонија за украинскиот народ и нивните напори за постигнување праведен и траен мир.

За време на настанот, на пратеничката Петровска ѝ беше врачен орденот „Принцеза Олга“ (прв степен). Ова високо признание ѝ беше доделено од претседателот на Украина на 4 септември 2023 година, како благодарност за нејзиниот личен придонес во зајакнувањето на одбранбените способности на земјата.

„Учеството на Петровска претставува израз на солидарноста и поддршката од Република Северна Македонија кон украинскиот народ и институции, во време кога земјата продолжува да го брани својот суверенитет, независност и територијален интегритет“, се заклучува во соопштението.

Back to top button