УХМР ПРЕДУПРЕДУВА: Попладнево се очекува локално невреме со интензивен дожд, силен ветер и услови за град
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) издаде предупредување за локално невреме кое се очекува да ја зафати земјава во текот на денешното попладне.
Според најновата прогноза, времето попладнево наместа ќе биде нестабилно и проследено со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Од УХМР особено нагласуваат дека локално овие процеси ќе преминат во форма на поизразено невреме. Во тие подрачја се очекува интензивен пороен дожд, силен ветер, како и услови за појава на град.
Метеоролозите најавуваат дека слична нестабилност ќе се задржи и во текот на утрешниот ден. Послаби услови за краткотрајно невреме ќе има утре попладне, како и кон крајот на денот.
Што се однесува до главниот град, УХМР информира дека во Скопје денес попладне, како и утре во вечерните часови, во одредени делови од котлината ќе има услови за пороен дожд проследен со грмежи.
