АРТВЕСТИСКОПЈЕ

Карпошово културно лето: Детска работилница, кино на отворено и маалска рап забава за граѓаните

Општина Карпош го започна неделното културно лето со богата програма која опфати активности за сите генерации, почнувајќи од креативни работилници за најмладите, па сè до филмски проекции и музички настапи. Како што информираат од локалната самоуправа, настаните се одвивале на плоштадот „Фонтана“ во населбата Карпош 3 и во дворот на основното училиште „Петар Поп Арсов“.

Според општинското соопштение, културната програма започнала со проектот „Нашето Маало – детска интерактивна просторна инсталација“, под водство на архитектот Ружица Ивановиќ. Најмладите карпошани, заедно со своите родители, имале можност да бојат и цртаат на претходно изработена макета. На овој начин, преку меѓусебно дружење, децата го развивале својот креативен и уметнички потенцијал.

Во вечерните часови, во една релаксирана маалска атмосфера во дворот на ООУ „Петар Поп Арсов“, бил прикажан македонскиот филмски класик „Мирно лето“ од режисерот Димитрие Османли. На проекцијата присуствувал и претседателот на Советот на Општина Карпош, Христо Саракинов. Од Општината најавуваат дека филмските проекции во рамки на културното лето ќе продолжат до 27 август, нудејќи им на љубителите на филмот селектирани остварувања од домашната кинематографија.

Вечерта кулминирала на плоштадот „Фонтана“ со настапот на раперот Стефан Трајковски, познат како „Жабата“, кој со своите авторски изведби приредил одлична забава за присутните соседи и пријатели. Од локалната самоуправа посочуваат дека на маалската дружба и рап забавата присуствувал и градоначалникот Сотир Лукровски, кој настанот го проследил заедно со жителите на Карпош 3.

Back to top button