ВЕСТИСВЕТ

Бројот на жртвите од земјотресите во Венецуела надмина 6.500

Бројот на загинати во разорните земјотреси што ја погодија Венецуела на 24 јуни се искачи на 6.509 лица, покажува најновиот официјален биланс што го објавија властите во Каракас. За новите податоци известија АФП, „Стрејтс тајмс“, „Диарио Либре“ и други странски медиуми. Претходниот биланс изнесуваше 6.438 загинати.

Двата силни земјотреси, со магнитуди од 7,2 и 7,5 степени, ја погодија земјата во интервал од само неколку десетици секунди и предизвикаа најголеми разурнувања во крајбрежната сојузна држава Ла Гуаира. Таму се урнаа најмалку 190 објекти, а илјадници луѓе останаа без дом.

Според претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригез, вкупно 226.696 луѓе побарале болничка помош по земјотресите. Спасувачките екипи досега извлекле 6.462 лица, а продолжуваат и операциите за расчистување на урнатините и потрагата по можни жртви.

Властите досега провериле 60.785 домови. Од нив, 35.545 се оценети како безбедни за живеење, 14.239 имаат ограничувања, а 11.001 се категоризирани како објекти со висок ризик. Досега на погодените семејства им се предадени 335 нови домови, иако владата претходно најави дека до крајот на годинава ќе обезбеди околу 4.000 станови и куќи.

Најтешка останува состојбата во Ла Гуаира, каде илјадници луѓе и натаму живеат во импровизирани кампови. Потрагата под урнатините продолжува, но привремената влада сè уште нема објавено нов официјален број на исчезнати.

На почетокот на август гувернерот на Ла Гуаира соопшти дека околу 1.400 лица сè уште се водат како исчезнати, но таа бројка оттогаш не е официјално ажурирана.

Земјотресите од 24 јуни се меѓу најтешките природни катастрофи што ја погодиле Венецуела во поновата историја. Првиот силен удар беше со магнитуда 7,2, а вториот достигна 7,5 степени. Најголем дел од уништувањето беше регистрирано во северниот крајбрежен појас и во областите близу Каракас.

Два месеци по катастрофата, обновата оди бавно. Властите соопштија дека досега се расчистени повеќе од 600.000 тони шут, што претставува нешто помалку од една третина од проценетото количество урнатини.

И покрај меѓународната помош, потребите остануваат големи, особено за сместување, медицинска грижа и санација на инфраструктурата во најпогодените области.

Back to top button