АРТВЕСТИСЦЕНАТРЕНД

Промовиран двојниот винил „FOLTIN LIVE“: 30 години концертна енергија пред големиот јубилеен настап во Хераклеа

Во атмосфера посветена на музиката и тридецениската концертна приказна, во Божиновски Галерија во Битола се одржа слушачка промоција на двојното винилно издание „FOLTIN LIVE“. Овој музички документ ја претвора добро познатата концертна енергија на бендот Фолтин во трајна звучна меморија, одбележувајќи го нивниот значаен 30-годишен јубилеј.

Изданието е снимено целосно во живо на врвна аналогна опрема во Пловдив и Скопје, а е отпечатено во Виена според највисоките светски стандарди за винил продукција. Резултатот претставува вистинска звучна монографија на концертниот идентитет на бендот кој веќе три децении успешно ги спојува концертот, театарот, перформансот и чистата музичка радост. Присутните на промоцијата имаа можност да го доживеат звукот на Фолтин преку внимателно интегриран систем од 39 звучници изработени од инженерскиот тим на Теохаров, кои со својот дизајн суптилно потсетуваат на камерата на браќата Манаки.

Лимитираната серија на рачно нумерирани и потпишани плочи е наменета за колекционери, аудиофили и долгогодишни почитувачи на бендот. Изданието може да се набави преку веб-страницата на Фолтин, како и во продажните салони на Божиновски часовници и накит на Широк Сокак во Битола и на улица Македонија во Скопје, додека за останатите градови се испраќа по карго. Ова издание претставува и заеднички јубилеен запис, со оглед на тоа што и брендот Божиновски оваа година прославува 30 години постоење.

Круната на одбележувањето на јубилејот ќе се случи во сабота, на 29 август со почеток во 20:00 часот, кога Фолтин се враќаат таму каде што ја започнаа својата приказна. Под битолското небо, во амфитеатарот на Хераклеа каде го одржаа својот прв настап, бендот ќе го приреди големиот јубилеен концерт. Влезниците за овој настан се веќе достапни преку продажните мрежи на MK Tickets и Tobacco Brothers.

Back to top button