ВЕСТИИМПУЛССЦЕНАТРЕНД

Филмот што Warner Bros. сакаше да го „закопа“ заработи 15,5 милиони долари на отворањето

„Coyote vs. Acme“, филмот кој беше целосно завршен, а потоа откажан од Warner Bros. и речиси претворен во даночно отпишување наместо во киноиздание, конечно стигна пред публиката – и отвори со проценети 15,5 милиони долари од продажба на билети во САД и Канада, објави Associated Press. Филмот го зазеде второто место на северноамериканскиот бокс-офис и беше најуспешното ново издание за викендот.

Приказната зад неговото киноиздание е речиси исто толку необична како и самиот филм.

„Coyote vs. Acme“ беше целосно снимен и монтиран кога Warner Bros. во 2023 година одлучи воопшто да не го објави. Наместо кино или стриминг-премиера, компанијата планираше продукцијата вредна околу 70 милиони долари да ја искористи како даночно отпишување.

Одлуката предизвика голем револт во Холивуд.

Филмот веќе имал добри резултати на тест-проекциите, а режисерот Дејв Грин и актерите практично останале со целосно завршено дело кое никој немало да може да го види.

Warner Bros. во тој период ја менуваше стратегијата наследена од времето кога голем број продукции беа развивани директно за HBO Max. Според AP, студиото проценило дека дополнителни 30 до 40 милиони долари за маркетинг и кино-дистрибуција не ја оправдуваат инвестицијата и се определило за даночно отпишување. Слична судбина претходно имаа и завршените филмови „Batgirl“ и „Scoob! Holiday Haunt“, кои до денес не се објавени.

Но Којотот, како и во цртаните филмови, не се откажал толку лесно.

По јавниот притисок Warner Bros. дозволи „Coyote vs. Acme“ да им биде понуден на други компании. На крајот независниот дистрибутер Ketchup Entertainment ги купи глобалните дистрибутивни права за околу 50 милиони долари и го закажа киноизданието за 28 август 2026 година.

Кајотот ја тужи Acme

Филмот ја користи една од најпознатите шеги од цртаните филмови со Којотот и Брзата птица итрица – Којотот постојано нарачува производи од компанијата Acme за да го фати својот брз противник, но направите речиси секогаш завршуваат катастрофално за него.

Во „Coyote vs. Acme“, Кајотот конечно решава да возврати и ја тужи компанијата поради неисправните производи.

Неговиот адвокат го игра Вил Форте, додека Џон Сина е адвокат на корпорацијата Acme. Во актерската екипа се и Лана Кондор, Луис Гузман и други актери, а гласот на Кајотот го позајмува Ерик Бауза.

Режисер е Дејв Грин, а филмот е комбинација од играна акција и анимација.

Основата за приказната не доаѓа директно од некој од класичните цртани филмови, туку од сатиричниот текст на Ијан Фрејзер, објавен во The New Yorker во 1990 година, во кој се замислува судска постапка на Кајотот против Acme поради производите што постојано го повредуваат.

Од „погребна проекција“ до второ место во кината

Откажувањето било толку неочекувано што првата интерна проекција на која Вил Форте и дел од екипата го гледале готовиот филм меѓу нив станала позната како „погребна проекција“.

Форте подоцна раскажа дека првично претпоставил дека Warner Bros. го откажува филмот затоа што е лош. Но кога конечно го гледал, бил уште повеќе разочаран од одлуката бидејќи сметал дека филмот заслужува публика.

Следуваше кампањата #ReleaseCoyoteVsACME, во која се вклучија филмски автори, актери и љубители на Looney Tunes.

Режисерот Дејв Грин, по конечното киноиздание, ја сумираше долгата борба со порака дека самиот факт што филмот стигнал во кината значи дека екипата победила.

Публиката засега реагира позитивно. Според податоците наведени од AP, филмот добил оценка „A“ од CinemaScore, додека во моментот на објавувањето на викенд-резултатите имал 95 проценти позитивни критики на Rotten Tomatoes.

За Ketchup Entertainment резултатот е особено значаен.

Проценетите 15,5 милиони долари претставуваат најголемо отворање во историјата на независниот дистрибутер. Неговиот претходен рекорд го држеше уште еден спасен Looney Tunes проект, „The Day the Earth Blew Up“, кој во 2024 година отвори со 3,1 милиони долари.

На првото место на бокс-офисот петти викенд по ред остана „Spider-Man: Brand New Day“ со 22,2 милиони долари во САД и Канада. „Coyote vs. Acme“ беше втор со проценети 15,5 милиони, додека „The Odyssey“ на Кристофер Нолан заврши трет со 14,3 милиони долари.

Конечните северноамерикански бокс-офис резултати за викендот се очекуваат денеска.

Без оглед на тоа дали бројката малку ќе се промени, за „Coyote vs. Acme“ самиот факт што заработува пари во кината има посебна симболика: пред три години филмот требаше да биде финансиски отпишан и практично никогаш да не биде виден од публиката.

Back to top button