АРТВЕСТИ

Почнаа пробите за „Црно злато“, нова претстава во МНТ од тандемот Унковски и Дуковски

На 1 септември во Македонскиот народен театар (МНТ) официјално започнаа пробите за новата претстава „Црно злато“. Ова театарско остварување е поставено по текст на култниот македонски драматург Дејан Дуковски, а режијата е потпишана од еден од најзначајните македонски режисери, Слободан Унковски, кој по успехот со „Сите сме птици“ повторно се враќа на големата сцена во националната установа.

Приказната на „Црно злато“ го носи препознатливиот авторски сензибилитет на Дуковски, исполнет со специфична естетика, црн хумор и остар јазик. Дејството е фокусирано на едно семејство и неговите премолчени конфликти, трауми, љубови, загуби и обиди за повторно пронаоѓање на сопствениот идентитет. Ликовите се соочуваат со семејната транзиција, како и со минатото кое не исчезнува и сегашноста која постојано ги враќа едни кон други.

Во претставата настапува извонредна актерска екипа. Јовица Михајловски го толкува таткото Димитрие, Мими Таневска е во улогата на загрижената Мара, додека Камка Тоциновски ја игра Анѓела, изгубениот син кој се враќа дома како исполнета жена. Нела Павловска настапува како Кате, ќерката заглавена во фамилијарната транзиција, Григор Јовановски е трговецот Семир, а Сашко Коцев го игра Киро, бившата љубов на Анѓеле. Актерскиот тим го комплетираат Софиа Насевска-Трифуновска во улогата на Извршителот и Гораст Цветковски како Барабата.

Креативниот тим кој работи на овој обемен проект го сочинуваат сценографот Бранко Хојник, костимографот Александар Ношпал и композиторот Златко Ориѓански. Асистент на режисерот е Звездана Ангеловска, асистент на сценографот е Мартин Манев, додека во изведбата на претставата ќе учествуваат и музичари и хор.

Со „Црно злато“, МНТ повторно ги обединува Дуковски и Унковски, тандем кој во македонскиот театар секогаш носи силни ликови, провокативни теми и исклучителна енергија. Премиерата се очекува во текот на декември 2026 година.

Back to top button