
Финиас О’Конел, музичар, продуцент и брат на Били Ајлиш, се ожени со својата долгогодишна партнерка Клаудија Сулевски. Свадбата се одржа на 29 август во Монтесито, Калифорнија, во присуство на семејството и пријателите на двојката, потврди „Vogue“.
Посебна улога на церемонијата имала Били Ајлиш. Според NME, токму таа ја водела свадбената церемонија на својот брат, а информацијата е објавена врз основа на фотографии од приватниот настан.
Финиас и Сулевски се заедно од 2018 година, кога се запознале преку апликација за запознавање. Музичарот подоцна откри дека само неколку часа по нивната средба започнал да ја пишува песната „Claudia“, инспирирана од неа. Двојката ја објави свршувачката во септември 2025 година, по седум години врска.
За свадбениот викенд Сулевски носела четири специјално изработени креации на Oscar de la Renta. Главната венчаница била од свила во боја на слонова коска, со нагласен корсет, широко здолниште и асиметричен детал околу вратот. Посебни фустани биле подготвени и за пробната вечера, свадбениот прием и забавата по церемонијата.
Необичен детал биле и нивните посвоени кучиња, за кои биле направени машнички од истиот материјал како венчаницата и кои требало да имаат улога на „flower dogs“.
Меѓу гостите, според NME, биле Џастин и Хејли Бибер, Ема Чемберлен, Ребека Блек, Џејсон Судејкис, Кристен Бел и Дакс Шепард.
Финиас е долгогодишен музички соработник и продуцент на Били Ајлиш, а нивната работа им донесе повеќе Греми награди и два Оскари за оригинална песна.
