
Netflix подготвува триделна документарна серија за животот и кариерата на Метју Пери, актерот кој светската слава ја стекна како Чендлер Бинг во „Friends“. „The One About Matthew Perry“ ќе има премиера на 27 октомври, три години по смртта на актерот.
Серијата ќе содржи досега необјавени фотографии и видеоснимки од приватната архива на семејството Пери, како и нови сведоштва од луѓе кои биле најблиску до него. Еден од главните гласови во документарецот ќе биде неговата сестра Миа Пери Боувик, а ќе зборуваат и негови долгогодишни пријатели и професионални соработници.
Намерата, според Netflix, е приказната да не остане само на човекот што публиката го знаеше како Чендлер. Пери во „Friends“ настапи во сите 236 епизоди од 1994 до 2004 година, но во приватниот живот со години отворено зборуваше за зависноста и за сопствените обиди за закрепнување.
Неговата сестра вели дека ѝ било потребно време да биде подготвена да ги сподели семејните спомени и дека сака гледачите да го запознаат како „целосна личност“, а не само преку славната телевизиска улога или борбата со зависноста.
Режисерка на серијата е добитничката на Еми Мери Робертсон, а продукцијата е на Maxine Productions, дел од Sony Pictures Television. Робертсон вели дека јавноста познавала само дел од приказната на Пери и дека документарецот ќе им даде простор на луѓето кои го сакале да зборуваат за човекот зад јавната личност.
Засега Netflix не открива дали во серијата ќе се појават Џенифер Анистон, Кортни Кокс, Лиса Кудроу, Мет Лебланк или Дејвид Швимер. Variety наведува дека нивното учество сè уште не е потврдено.
А. Ѓ.
