ВЕСТИСВЕТ

Потона турски товарен брод по судир со танкер во Мраморно Море, се трага по десет членови на екипажот

Товарниот брод „Tuğberk İmamoğlu“, кој пловел под турско знаме, потонал рано утрово во Мраморно Море по судир со танкерот „ALSU“, а десетчлениот екипаж се води како исчезнат, објавија турските власти, пренесува Асошиејтед прес.

Несреќата се случила околу 3 часот по локално време, на приближно 18 наутички милји, односно околу 33 километри јужно од Силиври, на западниот раб на Истанбулската област. „Tuğberk İmamoğlu“ пловел од пристаништето Искендерун кон Карадениз Ерегли, додека „ALSU“ патувал од Коџаели кон Алиага.

Според турската Генерална дирекција за поморство, во 3:26 часот сателитскиот систем COSPAS-SARSAT регистрирал сигнал за итна помош од EPIRB уредот на „Tuğberk İmamoğlu“. Неколку минути подоцна било утврдено дека сигналот доаѓа токму од овој брод. Капетанот на „ALSU“ пријавил дека околу 3:15 часот дошло до судир со друг брод.

По несреќата, „Tuğberk İmamoğlu“ престанал да одговара на сите радио повици, а не било можно да се воспостави контакт ниту со мобилните телефони на членовите на екипажот. Врз основа на овие податоци, властите заклучиле дека товарниот брод потонал. Според Асошиејтед прес, бродот исчезнал под водата за околу 11 минути по судирот.

На морската површина биле пронајдени делови од опремата за спасување на бродот, вклучително и чамец за спасување, но во него немало членови на екипажот. Потрагата по сите десет лица продолжува.

Во операцијата се вклучени 14 поморски спасувачки единици и еден хеликоптер, како и самиот танкер „ALSU“. Претходно властите соопштија дека во операцијата биле ангажирани и два хеликоптера и повеќе пловила на крајбрежната стража и службите за безбедност на пловидбата, додека бројот на спасувачки единици подоцна бил зголемен.

„Tuğberk İmamoğlu“ превезувал околу 4.200 тони валан челик, додека танкерот „ALSU“ бил празен во моментот на судирот. Првичните информации дека танкерот носел моторно масло подоцна биле коригирани од турските власти.

„ALSU“ нема видливи поголеми оштетувања, соопштија турските власти. Областа каде што се случила несреќата е длабока околу 800 до 900 метри, што дополнително ја отежнува операцијата за пребарување.

Причината за судирот засега не е официјално утврдена. Сопственикот на „Tuğberk İmamoğlu“ тврди дека неговиот брод го предупредил „ALSU“ пред судирот и дека другото пловило направило навигациска грешка, но тие тврдења сè уште не се независно потврдени.

 

Back to top button