ВЕСТИПОЛИТИКА

Собранието го изгласа Новиот закон за јавнообвинителска служба, платите стануваат дел од основната основица

Собранието на денешната седница го донесе Новиот закон за јавнообвинителска служба, со кој се прави значаен исчекор кон зајакнување на самостојноста, професионалноста и ефикасноста на правосудните органи. Според ресорното министерство, овој правен акт претставува суштинска реформа која воспоставува современ и функционален систем за управување со јавнообвинителската служба, целосно усогласен со европските стандарди и реалните потреби на терен, се наведува во соопштението на Министерството за правда.

Новата регулатива воведува посебен систем за управување со човечките ресурси, кој носи поедноставени и многу поефикасни постапки за вработување во обвинителствата. Со ова се намалува досегашната зависност од надворешни институции и се овозможува селекција на најстручните и најквалитетните кадри. Особено внимание е посветено на кариерниот развој на јавнообвинителските службеници, преку воспоставување на јасна вертикална кариера и реални можности за нивно професионално напредување до највисоките раководни позиции во самата служба.

Поголеми надлежности за Советот и етапно зголемување на платите

Со донесувањето на законот значително се зајакнува и улогата на Советот на јавнообвинителска служба, кој во иднина ќе има пошироки надлежности во областа на кадровската политика, дисциплинската одговорност и заштитата на правата на вработените. Како една од најзначајните придобивки од Министерството за правда го посочуваат унапредувањето на материјалната положба на вработените, со оглед на тоа што се воведува нов систем за пресметка на платите каде зголемувањата обезбедени преку колективните договори стануваат составен дел од основната плата, а предвидено е и дополнително етапно покачување.

Истовремено, се воспоставува потранспарентен и поефикасен систем на дисциплинска одговорност со прецизно дефинирани повреди, формирање на дисциплински комисии и право на жалба пред Советот. Текстот на законот овозможува и поголема флексибилност во управувањето преку појасно уредени механизми за распоредување и преземање на службеници меѓу различните јавни обвинителства, со што Министерството за правда очекува побрзо пополнување на слободните работни места и поефикасно искористување на расположливите кадровски капацитети во правосудството.

Back to top button