
Ќерката на легендарниот режисер Стенли Кјубрик, Вивијан Кјубрик, јавно се спротивстави на долгогодишната теорија на заговор според која последниот филм на нејзиниот татко, „Eyes Wide Shut“, првично содржел дополнителни 20 минути материјал и многу помрачен крај што наводно ги разоткривал сексуалните злосторства на Џефри Епштајн.
Гласините кружат со години, а добија нов замав откако сценаристот Роџер Авари во подкастот на Џо Роган во 2024 година изјави дека слушнал извештаи од втора рака за наводно исечени сцени од филмот. Според теоријата, оригиналната верзија на филмот траела 179 минути, а отстранетиот материјал откривал мрежа на сексуална злоупотреба на деца поврзана со моќни и богати луѓе.
Во објава на социјалната мрежа X, Вивијан Кјубрик порача дека никогаш не слушнала за постоење на такви 20 минути и дека не видела никаков доказ што би ја потврдил оваа приказна. Таа објасни дека нејзиниот татко бил познат по тоа што го уништувал неискористениот материјал по завршувањето на филмовите за да спречи идни измени или алтернативни верзии.
„Eyes Wide Shut“, во кој главните улоги ги толкуваат Том Круз и Никол Кидман, беше завршен само неколку дена пред смртта на Кјубрик во март 1999 година. Токму неговата ненадејна смрт придонесе за појавата на бројни шпекулации дека студиото подоцна интервенирало во филмот. Сепак, монтажерот Најџел Галт претходно изјави дека финалната верзија е токму онаа што ја одобрил самиот режисер.
Вивијан признава дека единствената промена за која знае е дигиталното прикривање на дел од голотијата во контроверзната сцена со оргии, направено за филмот да добие поповолна старосна категорија при прикажувањето во САД. Според неа, не постојат докази дека биле отстранети цели сцени или значаен дел од приказната.
Таа заклучува дека приказната за исчезнатите 20 минути останува „теорија на заговор, а не утврден факт“, нагласувајќи дека доколку навистина биле отстранети толку важни сцени, со текот на времето сигурно би дознала за тоа додека работела на зачувување на наследството на својот татко.
