
Издавачи, литературни агенти и професионалци од Грција, Бугарија и Албанија ќе бидат гости на програмата „Скопје фелоушип“, која ќе се одржи од 13 до 15 септември во Скопје во рамките на 14. издание на Интернационалниот литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан. Оваа програма, која годинава одбележува 13 години постоење, има за цел да обезбеди поголема видливост на македонската книжевност и да создаде директни контакти меѓу домашните автори, издавачи и странските професионалци.
Годинашното издание ги носи еминентните странски професионалци од издавачкиот сектор. Од Грција доаѓа Ефи Риза-Скифа, основачка и издавачка менаџерка на куќата „Енастрон“ која објавува дела на повеќе јазици, придружувана од Аристеа Илиопулу, раководителка на издавачкиот сектор и лекторка во истата куќа.
Бугарското издаваштво ќе го претстават Манол Пејков, сопственик на издавачка куќа „Жанет 45“ и наградуван литературен преведувач кој има организирано над 40 книжевни турнеи низ Бугарија, како и Гергана Панчева, извршна директорка на Софиската литературна агенција. Панчева е првиот и единствен бугарски литературен агент кој има роман во најтесниот избор за престижната награда „Букер“.
Албанската делегација ја сочинуваат претставниците на првата приватна издавачка куќа во земјата „Фан Ноли“, која досега има објавено над 2.000 наслови. На фестивалот ќе гостува нејзиниот директор Реџеп Хида, кој претходно бил и директор на Светска банка за Албанија, заедно со Рајмонда Хида, директорка за надворешни односи и авторски права која ја претставувала куќата на бројни светски саеми на книгата.
За време на престојот, сите странски учесници ќе остварат средби со претставници на Македонската асоцијација на издавачи, како и со други домашни издавачки куќи. „ПРО-ЗА Балкан“ е првиот фестивал во поширокиот регион што воспостави ваква програма посветена исклучиво на странски издавачи, менаџери и литературни скаути.
Организатор на фестивалот е скопската издавачка куќа „Прозарт медиа“. Настанот е поддржан од Министерството за култура и туризам, „Традуки“, Делегацијата на ЕУ, Europe House, амбасадите на Грција и Словенија, Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје, Кинотеката, Музејот на град Скопје и Умно.мк.

