ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕПУБЛИКА

Хеликоптери и „ер трактори“ го гаснат пожарот кај Грачани, огнот активен од двете страни на границата

Армиски и полициски хеликоптери, како и два „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување, се вклучени во гаснењето на големиот пожар кај селото Грачани во Општина Ѓорче Петров, кој според најновите информации е активен и од македонската и од косовската страна на границата.

На терен дејствуваат и скопските пожарникари и специјализирани екипи на ДЗС со возила „пинцгауер“. Армиски хеликоптер утрово полнел вода кај вливот на Лепенец во Вардар, по што повторно се враќал кон пожариштето.

Раководителот на Главниот кризен штаб Стојанче Ангелов упати благодарност до екипите што учествуваат во интервенцијата.

„Особено голема благодарност до воздухопловно-техничкиот персонал, без чија поддршка на земја ќе биде невозможно дејството на хеликоптерите и ‘ер тракторите’“, објави Ангелов.

Пожарот пред два дена од косовска страна се проширил кон македонска територија. Според информациите од Кризниот штаб, населени места во моментов не се загрозени. Горат претежно трева, грмушки и ниски смреки, а на одредени места огнот се движи ниско по земја низ мешовита шума. Тешко пристапниот терен дополнително ја отежнува интервенцијата.

Поради ветерот, чадот од пожарот во текот на ноќта се проширил кон Скопската котлина и се чувствувал во повеќе населби.

Претходно утрово Центарот за управување со кризи информираше дека до 7:30 часот во земјата биле регистрирани 31 пожар на отворен простор. Од нив 27 биле изгаснати, три ставени под контрола, а пожарот кај Грачани бил единствениот активен.

Под контрола остануваат пожарите кај Копаница во Сарај, кај Брест на Скопска Црна Гора и меѓу струшките села Буринец и Локов.

Back to top button