Популарната политичко-сатирична емисија „24 минути со Зоран Кесиќ“ повеќе нема да се емитува на телевизијата „Нова С“ во Србија, но нема да згасне и својата нова сезона ќе ја продолжи целосно независно на Јутјуб од 19 септември, објави Кесиќ преку соопштение насловено како „Фадо Финал (Фадо за крај)“ на своите социјални мрежи.
Одлуката за прекин на телевизиското емитување доаѓа по влезот на нови сопственици од Португалија во структурите на медиумската групација. Иако раководството како причина навело финансиски мерки и наводно слаба гледаност, Кесиќ отворено тврди дека зад ваквиот потег стојат политички мотиви и намера да се отстрани критичкиот хумор пред претстојните избори во Србија.
„На состанокот на кој бевме повикани да ни се соопшти конечната одлука за судбината на нашата емисија, разговаравме со Англичанец и Холанѓанец, кои ни го пренесоа ставот на Португалците дека повеќе не се заинтересирани за емитување на ’24 минути’ на Нова С“, стои во објавата на авторот.
Кесиќ детално го демантира аргументот дека шоуто било прескапо или неисплатливо, потенцирајќи дека договорот за продолжување на соработката веќе бил потпишан уште во јуни.
„Спремни за секоја евентуалност, извадивме хартија и црно на бело ги покажавме официјалните бројки кои говорат за солидна годишна заработка на телевизијата од нашата мала шоу-програма. Договорот беше потпишан, рака на рака. Екипата на нашата емисија е убедена дека единствените бројки кои се навистина важни во целата оваа приказна се бројките на деновите, неделите и месеците што ги броиме до датумот на одржување на изборите во Србија.“
Според објавата на Кесиќ, од португалските претставници имало обиди за одложување на стартот на новата сезона со цел да се избегне изборниот период.
„Дека приказната за ‘слабите бројки’ и ‘скапата емисија’ е обичен изговор, говорат и нашите сознанија според кои, наводно, во португалските кругови се размислувало, па дури и било изговорено, дека нашата емисија никако не смее да почне пред изборите, туку со снимањата да тргнеме дури по нивното завршување. Ни замерија што јавно се огласивме и го нарушивме оној нивни ‘Silêncio’ (тишина).“
Наместо замолчување, авторот најавува преселба на дигиталните платформи, потпирајќи се на поддршката од верната публика и соработниците кои веќе понудиле студиски простор и опрема.
„Синоќа некој со право можеше да се пофали со зборовите: ‘Мислам дека ја завршив задачата, 24 минути повеќе нема’. Е, па нема да биде така! Новата сезона почнува на 19 септември на Јутјуб каналот ’24 minuta sa Zoranom Kesićem’. И тука се прашуваме ние. Сите ние. Од инает. Од љубов кон вистината и правдата. Од бес. И затоа што, да не се лажеме, ништо друго и не знаеме да работиме“, порачува Зоран Кесиќ.
Ј. Ѓ.
