ВЕСТИПОЛИТИКА

Кузеска: На прес на Влада -Почнаа со работа медиумите од српската медиумска мрежа

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) преку портпаролката Богданка Кузеска денеска обвини дека медиумите од српската медиумска мрежа веќе започнале со работа во државата на сомнителен начин и без соодветна дозвола, соопштија од партискиот центар за комуникации со јавноста. Кузеска информираше дека екипа на „Еуроњуз Македонија“ (Euronews Македонија) пред два дена присуствувала на прес-конференција во Владата, што според неа е доказ дека извршната власт веќе ја третира оваа куќа како телевизија и ѝ овозможува пристап на официјални настани иако сè уште немаат работна дозвола.

Опозициската партија јавно прашува што се случува со најавената истрага за влезот на оваа медиумска машинерија, потсетувајќи дека по реакциите на македонските телевизии беше соопштено оти Финансиската полиција отворила предмет, а Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ја запрела постапката. Од СДСМ директно го повикаа директорот на АВМУ да одговори дали знае дека во регулираниот простор му се шетаат медиумски пирати, предупредувајќи дека за тоа може да се сноси кривична одговорност доколку истрагата е прекината и се работи под радарот на институциите.

Според Кузеска, со влезот на овие медиуми во македонскиот етер тече антимакедонска и анти-ЕУ пропаганда, обвинувајќи го премиерот Христијан Мицкоски дека ја прави државата заложник на туѓи балкански интереси во служба на Русија и организирана криминална група. Од партијата предупредуваат дека се подготвува нов медиумски мрак сличен на оној од 2015 година за време на владеењето на Никола Груевски, посочувајќи дека актуелната власт спроведува целосна контрола на медиумскиот простор, дополнувајќи дека веќе се контролираат и 40 отсто од медиумите поврзани со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Back to top button