ВЕСТИЕКОНОМИЈАПОЛИТИКА

Македонија официјално се приклучи кон Вертикалниот гасен коридор: Целта е крај на зависноста од една гасна рута

Македонија официјално се приклучи кон Вертикалниот гасен коридор, регионална иницијатива што ги поврзува гасните системи на Југоисточна, Централна и Источна Европа и треба да овозможи поголема диверзификација на снабдувањето и повеќе правци за транспорт на природен гас. Меморандумот за разбирање беше потпишан во Солун во рамки на 10. Форум за енергетика на Југоисточна Европа.

Документот го потпиша извршниот директор на НОМАГАС, Недим Рама, во присуство на министерката за енергетика Сања Божиновска. Со тоа НОМАГАС им се приклучува на операторите што го развиваат коридорот, кој ги поврзува системите на Грција, Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Украина, Молдавија и Србија и создава оска за пренос на гас во насока југ–север.

„По три децении ја прекинуваме целосната зависност од само една гасна рута“, изјави Божиновска, оценувајќи дека приклучувањето е историски чекор за земјата.

Таа нагласи дека Вертикалниот коридор не треба да се гледа само како инфраструктурен проект.

„Вертикалниот енергетски коридор не е само гасоводна инфраструктура. Тој е новата безбедносна, економска и геостратешка архитектура на Југоисточна Европа“, рече Божиновска.

Практичната вредност за Македонија треба да дојде преку новите интерконектори. Гасоводната врска со Грција се очекува да стане оперативна во 2027 година, а според официјалните податоци на Министерството за енергетика е проектирана со почетен капацитет од околу 1,5 милијарди кубни метри годишно, со можност за проширување до три милијарди.

Паралелно се развива и интерконекторот со Србија, кој дополнително треба да ја зајакне улогата на земјата како транзитна точка меѓу јужните извори и пазарите во Централна Европа.

За Македонија, суштината е во тоа што со новите врски ќе може да пристапува до повеќе извори и правци на снабдување, наместо да зависи од една единствена инфраструктурна рута.

Back to top button