ВЕСТИСВЕТ

Експлозија на огномет во Мексико: 10 загинати и 64 повредени

Најмалку 10 лица го загубија животот, а 64 се повредени откако пиротехнички материјал експлодираше за време на религиозен фестивал во град во централниот дел на земјата. Силната експлозија предизвикала уривање на ѕид врз стотиците присутни кои се подготвувале да следат шоу со огномет, пренесува Асошиетед прес (АП).

​Несреќата се случила во саботата вечерта во непосредна близина на црквата „Нуестра Сењора де ла Луз“ во Темаскалцинго, општина со 66.000 жители сместена на околу 160 километри северозападно од Сиудад де Мексико. Според изјавата на локалниот бискуп, меѓу повредените се наоѓаат и двајца свештеници.

​Причината за експлозијата сè уште не е утврдена, а Јавното обвинителство на државата Мексико веќе отвори официјална истрага за случајот. На видеата кои се проширија на социјалните мрежи се гледаат апокалиптични сцени со десетици луѓе кои чекорат низ густиот чад и урнатините, обидувајќи се да пронајдат преживеани.

​Несреќите поврзани со пиротехника не се реткост во Мексико, каде огнометите масовно и редовно се користат за време на улични прослави и религиозни фестивали. Пред речиси четири години, слична силна експлозија на огномет во село во централната држава Идалго остави 17 повредени лица.

Back to top button