ВЕСТИСВЕТ

Триумф на крајната десница во Саксонија-Анхалт, германскиот канцелар Мерц под притисок

Германскиот канцелар Фридрих Мерц се соочува со сериозен политички притисок откако крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) извојува убедлива победа на регионалните избори во источната покраина Саксонија-Анхалт, објави новинската агенција Асошиејтед прес (АП). Оценувајќи го исходот како „најтежок изборен пораз на ЦДУ во изминатите децении“, Мерц порача дека неговата Христијанско-демократска унија е длабоко шокирана, но нагласи дека откажувањето не е опција и дека останува решен да продолжи со спроведувањето на непопуларните економски и пензиски реформи.

АфД, чиј локален огранок германското домашно разузнавање го класифицира како десничарска екстремистичка група, за малку не успеа да освои апсолутно мнозинство на изборите, но има реални шанси да ја формира првата регионална влада предводена од крајната десница во Германија по Втората светска војна. Нивниот главен кандидат, Улрих Зигмунд, истакна дека партијата има јасен мандат за власт и најави разговори со пратеници од другите политички опции за да се обезбедат потребните три пратенички места за стабилно мнозинство. Победата на АфД ги разниша традиционалните партии и таканаречениот политички „огнен ѕид“ со кој мејнстрим опциите досега одбиваа каква било соработка со нив.

Изборниот триумф на АфД предизвика низа меѓународни реакции. Честитки за победата упатија милијардерот Илон Маск преку платформата Икс, како и десничарски лидери од Шпанија и Португалија, додека рускиот претставник Кирил Дмитриев резултатот го оцени како историска победа. Од друга страна, полскиот премиер Доналд Туск остро порача дека само предавници можат да се радуваат на триумфот на АфД, а францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро предупреди дека нивната платформа претставува предавство на европскиот дух. Загриженост владее и во Берлин, бидејќи веќе на 20 септември Германија ја очекуваат нови регионални избори во Берлин и Мекленбург-Западна Померанија, каде АфД исто така ужива голема поддршка.

Back to top button