ВЕСТИИМПУЛСМАКЕДОНИЈА

Македонија одбележува 35 години независност: Три и пол децении од историското „ДА“

Граѓаните денеска го празнуваат 8 Септември – Денот на независноста, одбележувајќи го големиот јубилеј од точно 35 години од одржувањето на историскиот референдум во 1991 година, на кој македонскиот народ и граѓаните недвосмислено се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Овој државен празник е потсетник на денот кога над 95 отсто од граѓаните кои излегоа на гласање, позитивно одговорија на референдумското прашање: „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“. Со овој чин, беше трасиран патот за мирен излез од тогашната југословенска федерација и остварување на вековниот идеал за сопствена, меѓународно призната држава.

Резултатите од референдумот беа официјално прогласени на плоштадот во Скопје, каде првиот претседател Киро Глигоров со историски говор ја сподели веста за изгласаната независност со насобраниот народ.

„Македонци и Македонки, граѓани и граѓанки на Македонија! Дозволете вечерва на вас и на сите граѓани на Македонија да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија!“.

На референдумот му претходеше Декларација за независност, која првиот повеќепартиски состав на македонското Собрание ја усвои во јануари 1991 година.

Три и пол децении подоцна, државата ги сумира резултатите од својот развојен пат – од меѓународното етаблирање, приемот во Обединетите Нации и членството во НАТО алијансата, па сè до актуелните предизвици поврзани со европските интеграции и внатрешните реформи.

Традиционално, Денот на независноста се одбележува со низа свечености, полагање цвеќе на партизанските гробишта, на гробовите на поранешните претседатели и истакнати државници, како и со свечени академии и културни манифестации низ целата земја. Институциите и политичките лидери на овој ден вообичаено упатуваат пораки за единство, сплотеност и заедничка работа кон подобра иднина за сите граѓани.

Back to top button