
Американскиот државен секретар упати честитка за Денот на независноста, нагласувајќи ја соработката во безбедноста, економијата, енергетиката и технологијата.
Во честитката по повод Денот на независноста на Северна Македонија, американскиот државен секретар Марко Рубио им упати честитки на граѓаните на земјата, истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се горди што стојат покрај Северна Македонија како доверлив сојузник и партнер.
„Во име на американскиот народ, упатувам најсрдечни честитки до народот на Северна Македонија додека славите 35 години независност“, наведува Рубио во соопштението објавено од Стејт департментот.
Тој оцени дека Северна Македонија има важна улога во зајакнувањето на безбедноста и стабилноста во регионот преку посветеноста на заедничката одбрана, како и преку соработката во борбата против тероризмот и во областа на сајбер-безбедноста.
Рубио ја поздрави и натамошната изградба на економското партнерство меѓу двете земји, посочувајќи го овогодишниот Стратешки дијалог во Вашингтон како значаен чекор во продлабочувањето на односите.
„Заедно создаваме можности во енергетиката, инфраструктурата, технологијата и други сектори со цел да го зајакнеме просперитетот во двете наши земји“, истакнува американскиот државен секретар.
На крајот од пораката, Рубио им посака на граѓаните на Северна Македонија радосен Ден на независноста, како и мир, безбедност и просперитет во годините што претстојат.
Соопштението е објавено на 8 септември од американскиот Стејт департмент по повод националниот празник на Северна Македонија.
