ВЕСТИПОЛИТИКА

[ВИДЕО] Мицкоски по повод 8 Септември: Нашата национална амбиција во следните 35 години не смее да биде само да опстоиме, туку да успееме

Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка по повод 35-годишнината од независноста на државата, истакнувајќи дека 8 Септември е ден кога една стара надеж добила своја адреса и институции, но и дека мора да претставува пресвртна точка за начинот на кој се размислува за иднината. Ова беше истакнато во денешното официјално обраќање на премиерот Мицкоски по повод државниот празник.

Тој нагласи дека во изминатите три и пол децении државата изградила институции, станала членка на ОН и НАТО и минала низ бројни кризи, но исто така призна дека имало пропуштени можности и изгубени генерации поради кои многумина се иселиле. „Нашата национална амбиција во следните триесет и пет години не смее да биде само да опстоиме. Мора да успееме“, порача Мицкоски. Тој додаде дека новата историска борба се води во училиштата, болниците и институциите, со цел да се врати достоинството на трудот и да се спречи практиката во која „талогот станува елита“, бидејќи тоа ги брка вистински способните луѓе од земјата.

Во однос на евроинтеграциите, премиерот потенцираше дека владата работи на внесување на државата во ЕУ, но предупреди дека е неопходно трпение и градење доверба. Според него, создавањето доверба подразбира прекин на негирањето на македонскиот јазик и почитување на пресудите од Судот во Стразбур за македонското малцинство. Тој беше дециден дека нема компромиси за прашањата кои го засегаат идентитетот, јазикот и културата, бидејќи тоа би значело рушење на идеалите на АСНОМ и Илинден.

Говорејќи за економската состојба, Мицкоски посочи на позитивните макроекономски показатели. Тој истакна дека во вториот квартал од 2026 година е забележан реален раст на БДП од 4,3 проценти, што го оцени како еден од најдобрите резултати во Европа. Според неговите зборови, инфлацијата е ставена под контрола, а извозот бележи побрз раст од увозот, со што се намалува трговскиот дефицит во првите седум месеци од годината.

Премиерот упати остри критики до дел од политичките противници кои ги обвини дека функционираат како „фабрика за произведување безнадежност“ и дека се против секој напредок, вклучително и изградба на болници, патишта и инфраструктурни објекти. Сепак, тој повика на надминување на политичките и етничките поделби и обединување околу одбраната на државните интереси. „Премалку сме за да се делиме, а предолго сме се делеле за да не разбереме колку скапо нè чинат поделбите“, заклучи Мицкоски во своето обраќање.

Back to top button