Македонската култура блесна во Албанија: Над 70 уметници настапија во Тирана, Драч и Корча

Со настап на повеќе од 70 уметници и богата уметничка програма, од 3 до 6 септември во Албанија успешно се одржа Неделата на македонската култура. Манифестацијата, која се одвиваше низ улиците и сцените во Тирана, Драч и Корча, беше во организација на Македонскиот културно-информативен центар (КИЦ) во Тирана и директорката Ема Попивода, предизвикувајќи огромен интерес кај тамошната публика и медиумите.
Свеченото отворање во Тирана беше посветено на одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија. Во концертната сала на Православната катедрала настапија ансамблот „Кон Темпора“ под диригентство на маестро Иван Еминовиќ и фолклорниот ансамбл „Еуроарт“ кој со македонски ора и песни ја крена публиката на нозе. Во главниот град се одржа и концерт во историската Вила 31 каде настапија Марко Виденовиќ и триото „Мевлем“. Програмата продолжи во Драч, каде во црквата „Света Луција“ концерт одржа камерниот оркестар „Ајга“, изведувајќи дела од истакнати македонски композитори.
Завршницата на културната недела се одржа на плоштадот во Старата чаршија во Корча. Присутните уживаа во изложба на фотографии од Пали Колефски, монодрама посветена на Крсте Петков Мисирков во изведба на Доне Донев, афоризми од Јане Атанасов, како и фолклорни настапи на друштвото „Преспа“ и музичка програма. Настаните беа реализирани со поддршка од министерствата за култура на двете земји и македонската амбасада, а присуствуваше и националниот координатор за интеркултурализам Абаз Селмани, потврдувајќи ја важноста на културата за градење пријателство и нови мостови меѓу двата народа.
