
Комбинацијата на одржлив транспорт и зелена транзиција ја прави Македонија лидер во регионот, истакна заменик-претседателот на Владата, Александар Николоски, во своето обраќање по повод почетокот на реализацијата на проектот за изградба на ветерен парк на компанијата „Алказар“ во Штип, стои во официјалното известување од настанот.
Николоски нагласи дека оваа инвестиција претставува доказ за визијата за енергетска стабилност, како и потврда дека Владата работи посветено и партнерски со инвеститорите. Осврнувајќи се на неодамнешното одбележување на 35-годишнината од независноста, отворањето на реконструираниот охридски аеродром и големиот музички настан на Дејвид Гета во Скопје, тој оцени дека почетокот на изградбата на овој ветерен парк е најдобар доказ дека државата има модерна иднина која е во чекор со 21-от век.
Заменик-претседателот на Владата најави континуирана поддршка на проектот, кој според неговите најави се очекува да биде пуштен во употреба за три години. Тој изрази благодарност за досегашната работа и координацијата меѓу сите инволвирани институции, споменувајќи ги премиерот Христијан Мицкоски, министерката за енергетика Сања Божиновска, градоначалниците на Штип, Карбинци и Радовиш, како и тимовите на министерствата за транспорт, земјоделство и животна средина, и Агенцијата за катастар.

